Македонија
Нема да прифатам да стои „сегашна“ пред зборовите македонска нација, официјална Софија остана заложник на живковизмот, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски нема да прифати пред зборовите македонска нација да стои зборот „сегашна“ во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, како што предлагаат пратеници од ГЕРБ. Предлогот за додавање на зборот сегашна, премиерот Мицкоски смета дека е обид за создавање нова, вештачка македонска нација.
„Јас имав интензивни разговори со неколку влијателни луѓе и во Европскиот парламент и во Брисел и денеска ќе продолжам да кажувам дека доколку тоа се случи, само уште еднаш ќе се потврди она за што ние зборуваме цело време, а тоа е дека не станува збор за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница во Македонија, туку станува збор за обид за создавање нова вештачка сегашна македонска нација, која почива на корените на бугарската нација. Тоа е суштината. Јас тоа нема да го прифатам. Ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам затоа што тоа нема никаква врски ниту со европските ниту со какви било други вредности“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на 80-годишниот јубилеј на Државниот завод за статистика.
За ВМРО-ДПМНЕ, ваквото барање воопшто не е изненадување оти Бујар Османи и Димитар Ковачевски прифатиле сè што им било сервирано на маса со францускиот предлог и со тоа оставиле можност за сегашните барања на Бугарите. Премиерот Мицкоски сега вели дека Европа е на потег да даде одговори и да ја исправи историската неправда, што лековерно ја прифатиле Османи и Ковачевски.
„Вистината е таа дека официјална Софија никогаш не се препакува и остана во суштина да биде слеп заложник на политиките на живковизмот. Тоа е суштината, создавање нова сегашна македонска нација, која почива на основите на бугарската нација. Тоа е суштината зад сето ова. Нема врска со неколку стотини наши граѓани во преамбулата. Тоа е само пред завесата. Зад завесата ова е суштината. Секој оној што не верува во ова или е политички аналфабет или свесно сака да ги манипулира граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.
Во нацрт-верзијата на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјата првпат се споменува посебен македонски идентитет и посебен македонски јазик. Извештајот ќе се гласа в среда, 4 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

