Македонија
Непростливи се институционалните пропусти за „Тораница“, одговорност веднаш: „Зелен хуман град“ повикува на протест

„Зелен хуман град“ (ЗХГ) најавува мирен протестен марш во 12.30 часот в сабота (12 април), што, според најавите, почнува пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето токсични материи предизвикано од рудникот ‘Тораница’ туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто ‘очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има’“.
Во целата оваа трагедија, како што велат, единствено очигледно е дека има непростливи институционални пропусти и ги интересира кој од службените лица ќе одговара за нив.
„Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си екоактивист или сеедно ти е, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зашто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нè убијат сите.
Групите што се членки на „Зелен хуман град“ речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи, без оглед кој е на власт.
Се обраќаат, како што навестуваат во соопштението, до сограѓаните, кои се членови на партиите на власт. Порачуваат дека партијата нема да ги спаси од болести.
„Партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не дозволувајте им на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија за кој се сомневате дека сака да го прикрие труењето од ‘Тораница’! Од Крива Река и од Тораничка Река се наводнуваат посеви, се напојува добиток! Сите сме загрозени! Излезете на улица, не сте ничии робови, раководните лица во партијата не ви се господари! Борете се принципиелно за сопственото право на здравје, за сопственото право на живот! Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и за животната средина“, порачуваат од „Зелен хуман град“.
Нагласуваат дека доколку институциите сакаат да ги блокираат на социјалните медиуми, ќе им дојдат на врата за да ги чујат!
Според нив, институциите треба да се потсетат зошто постојат, кој ги плаќа и кому треба да му служат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.