Македонија
„Нераскинувањето на договорот со ‘Бехтел и Енка’ ја прави ДПМНЕ соучесник во најголемиот криминал на СДС и ДУИ“, велат од партијата Левица

„Додека партискиот шеф, а сега – премиер, Христијан Мицкоски, во предизборниот процес често го критикуваше Договорот со Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, новопечениот министер за транспорт и врски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, најави дека ќе продолжи да го реализира договорот потпишан од СДСМ за изградбата на Коридор 8 и 10д, што од партијата го класифицираа како „недомаќински и душмански“ чин“, велат од партијата Левица.
„Ова не е ништо ново, кога е во прашање соработката на ДПМНЕ и СДСМ по однос на расфрлањето со народни пари! Обратен процес се случуваше во 2018 година, кога под закани за тужби и пенали се форсираше гасоводот низ Водно – делница која беше проектирана и договорена во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а се изведе (со извесни компромиси) во времето на СДСМ, но остана неповрзана. Гас никогаш не протече низ неа и после 6 години. Битно, парите од кредитот се потрошија, проектантите, изведувачите и сите заинтересирани си ги добија парите, а народот доби само едно големо НИШТО за кое сега го отплаќа на рати и камати. Потсетуваме дека и тој договор беше класифициран и строго држен во тајност, иако јавноста никогаш не разбра ЗОШТО.
Имајќи го ова предвид и знаејќи ги изјавите на министерот Николовски, постои основана опасност коридорите 8 и 10Д да доживеат слична судбина како гасоводот или, пак, автопатот Кичево-Охрид. Од сето ова, засега е реализирано само одредени индивидуи да си ги нафатираат своите џебови, без притоа граѓаните воопшто да бидат консултирани преку правење незаконски таен договор, тежок милијарди, за којшто данокот ќе го плаќаат идните генерации.
Правењето договори зад затворени врати и далеку од очите на јавноста се покажа како крајно штетно! Дополнително, ДПМНЕ и ЗНАМ ја продолжуваат соработката зад затворени врати, нетранспарентно и далеку од очите на јавноста и во стилот на СДС и ДУИ ја продолжуваат соработката со Американско-турскиот конзорциум.
Во јавноста може да се насети договарање нови суми и планирање нови трошоци на грбот на народот, додека за истите слушаме по некој закриен детаљ во разни изјави.
Левица бара во сето ова да се одбере поинаков пристап, а тоа е ТРАНСПАРЕНТНО ДА СЕ ОБЈАВИ ЦЕЛИОТ ДОГОВОР, да се раскине истиот, доколку се утврди неговата штетност и да се отпочне истрага за исправноста и оправданоста на истиот! Со таква истрага може да се докажат оправданите сомневања на јавноста дека повторно е издаден народниот и интересот на Република Македонија! Наместо спроведување на Договорот, доколку со истиот е направена штета, треба да биде прекинат и да се поднесе одговорност, а виновниците да бидат изнесени пред лицето на правдата!
Реализацијата на истиот не претставува ништо друго, освен соучесништво“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Контролираните судии од тефтерчињата на ДПМНЕ се срам за македонското правосудство

Бране Петрушевски, кој не знае ништо друго освен да држи прес-конференции и да глуми опозиција, треба да знае дека сите судии кои денес се дел од судскиот систем се од „тефтерчињата“ на неговите партиски поранешни функционери, реагираат од СДСМ на изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ дека пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово е срамна.
„Петрушевски треба исто така, да ѝ каже на јавноста дека токму ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ, донесе закон со кој се намалија казните. Добро познатиот Михајло Маневски го донесе тој закон. Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да молчи и да не глуми загрижена опозициска партија. За речиси цела година, колку што се на власт, од реформи во судството досега успеаја само да изберат сопруга на нивен градоначалник во Судскиот совет и баџанак на нивниот партнер Изет Меџити за судија. Тоа се реформите на ВМРО-ДПМНЕ во судството“, се вели во реакцијата.
Цела година, велат од СДСМ, Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ не направија ниту една реформа и нема донесено ниеден реформски закон.
„Цела година Петрушевски само држи партиски прес-конференции, се заканува од говорница, а неговата Влада нема реализирано ништо по ова прашање. СДСМ и Филипче се први кои побара реформи во судството и први понудија поддршка за носење реформски закони за европско судство. Очигледно, само Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат интерес за промени, бидејќи им одговара темата за да држат партиски прес-конференции. За крај, Бране Петрушевски треба да одговори: како тоа прво не им одговараше јавниот обвинител и обвинуваа дека бил човек на СДСМ, а сега одеднаш им одговара? Како тоа Мицкоски беседеше и се закануваше дека ќе ги распушти сите судски институции, а потоа се повлече? Затоа, Бране нека одговори конкретно на овие важни прашања и нека сфати дека се на власт и дека пред себе имаат јасна агенда за реформи – која не ја спроведуваат“, пишува во реакцијата.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Срамна пресуда за модуларната болница во Тетово

Судот денеска изрече срамни казни за тогашните директори на Клиничка болница Тетово, а за случајот во кој изгореа 14 лица во Модуларната болница во Тетово. По една година и шест месеци ефективна затворска казна за Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор во болницата. Замислете, правното лице Клиничка болница Тетово беше прогласено за виновно да плати околу 16-тина илјади евра, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, ова се ниски, срамни, далеку од правото, посебно од правдата казни за случајот во кој изгореа 14 лица, а се случи во септември 2021 година во Тетово.
По ваква пресуда, рече Петрушевски, ни останува само едно, да ги повикаме надлежните, а воедно и да најавиме до сите вас, итни и неодложни реформи во правосудниот систем.
„Оваа пресуда е класичен пример дека правосудниот систем е под влијание на СДС и ДУИ, поточно да не ги ставаме сите во ист кош, тоа се поединци кои настапуваат по волјата на СДС и ДУИ, а не судат по правните норми. Сега пак, мора да ги повикаме надлежните да пристапат кон постапка за разрешување на оние кои се инволвирани во носењето на оваа срамна пресуда за Модуларната болница во Тетово. Воедно ја повикуваме Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа срамна пресуда“, рече Петрушевски.
Тој ги повика Филипче и Ахмети да се изјаснат зошто, како што рече, си поигруваат со судбината на граѓаните.
Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи секаков израз на незадоволство од пресудата.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 22 степена

Времето утре ќе биде променливо облачно, во западните делови со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Следува период на претежно стабилно време, до понеделник со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст. Од средината на следната седмица ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.