Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без струја делови од Општина Бутел
ЕВН Македонија АД известува дека утре ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница бул. Македонско-Косовска Бригада со бул. Босна и Херцеговина. ( Општина Бутел)
Македонија
Делови од Сарај утре без вода за пиење
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре ( среда ) поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и с. Сарај. (Општина Сарај)
Македонија
(Видео) Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски, соопшти Митева
На денешната редовна 134 владина седница беше усвоен предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител со што ја продолжуваме постапката која согласно законските ограничувања беше привремено стопирана во изборниот период, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
„Причините за оваа иницијатива се јавно познати повеќепати до сега ги имаме образложено како Влада, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена. Јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите во служба на граѓаните.
Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство.
Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон.
Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед.
Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот“.
Како последица на сторените повреди по изминатиот период, евидентна е, додава Митева, нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата, согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство.
Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски, како што истакна Митева, флагрантно ја повредил должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство.
„Имајќи го предвид наведеното Владата му предлага на Собранието да го разреши од функција јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски“.

