Македонија
Николовски: Општините рационално да ги користат парите, службените возила да не се користат за приватни цели

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, ги повикува сите новоизбрани градоначалници да го следат примерот на Владата за донесување одлуки за регулирање на начинот на користење на службените возила и трошоците за угостителски услуги за работни состаноци. Локалните единици тоа може да го сторат преку општинските совети со донесување посебни акти со кои ќе се ограничат средтсвата за репрезентација на градоначлниците и користење на службените возила, се нагласува во соопштението од неговиот кабинет.
Во него се додава дека на предлог на кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски годинава се донесени две одлуки, кои се однесуваат на ограничување на користењето на службените возила и на службените трошоци за угостителски услуги за работни состаноци. Овие одлуки се во насока на рационално и транспарентно користење на буџетските средства.
Од кабинетот на Николовски потсетуваат дека веќе се применува одлуката за регулирање на користењето на службените возила. Секое користење на службените возила за вработените претходно според точно утврдена процедура се одобрува. Целта, како што велат, е оправдано, наменско, рационално користење на службените возила, односно да не се користат возилата за приватни цели.
„Исто така, функционерите ја применуваат и почитуваат одлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги во угосителски објекти во државата при одржување работни состаноци. Функционерите имаат точно определни износи што смеат да ги искористат за угостителски услуги, за работни состаноци, според точно утврдени критериуми“, се истакнува во писмениот допис од кабинетот на Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Писмо од Јовев и колективот на Кардиохирургија: Во нашава земја само успехот не се простува

Професорот доктор Сашко Јовев прочита писмо напишано заедно со колективот на Клиниката за кардиохирургија. Тој посочи дека имаат низа успеси, а разрешувањето, поакжува дека успеси не се простуваат во Македонија. Јовев постави и низа прашања до ресорното министерство и Владата, а во негово име, како и во име на колективот.
„Во нашава земја само успехот не се простува. Каква порака ќе оставиме кон младите генерации? Кардиохирургија, заедно со овој тим, во последните осум години создаде ултра модерна клиника која ги работи сите можни процедури во кардиохирургијата кои се работат во најреномираните светски клиники. Создадевме најмодерна единица за интензивна нега. Излечивме многу најтешки пациенти. Од проект израснавме во регионален центар. Сега за награда, дали од каприц, дали од скриена сугестија, добиваме смена на менаџметот на Клиниката. Покажуваме одличен пример на младите генерации, дека ако се учи и создава, оперира 24/7, ако се сака земјата, ако се биде пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните, не чини и треба да ја напуштиме клиниката и земјата или да не се прави сето тоа?“, праша Јовев читајќи го писмото напишано со колегите.
Тој посочи дека за него во животот постојат два начини на однесување – да се работи создава и учи или да се гази по тоа. Докторот Јовев го повика Министерството за здравство, министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување.
„Цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува. Да ја оставиме политиката на страна. Ако сето ова се прави, се има магистериум, докторат, три специјализации, титули за редовен доживотен професор, се оперира, се едуцира, се воведува се што е најново, значи дека се спие? Не знам, да видиме“, додаде Јовев, читајќи го писмото.
Тој додаде дека ако имало пропусти во настанот при спроведување на протокол – не смее да има разрешување.
„Сметаме дека најискусните луѓе треба да ги водат клиниките“, додаде Јовев.
Посочи дека сите работат 24/7 во Клиниката, а ако сите го евидентираат работното време – тој нема да може да ги плати.
Македонија
(Видео) Револт за разрешувањето на Јовев, пациенти пред Кардиологија: Срамота е ова што се прави

Пред Кардиохирургија дојдоа пациенти, кои му изразуваат поддршка на професорот доктор Сашко Јовев, разрешен од министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тие посочија дека срамота е да биде разрешан Јовев оти е професионалец. Тие потенцираат дека од него зависат животите на граѓаните.
„Дојдовме да му дадеме поддршка на Јовев, кој се бореше да ни дадат нови животи. Револтирани сме од непрофесионалноста на министерот, кој сака да стави политички, а не стручни кадри. Од нив зависат нашите животи“, рече Сашко Јанкуловски, пациент.
На протестот излегоа и вработени од Клиниката.
„Дојдовме од проста причина бидејќи не сакаме да го изгубиме стручњакот што перфектно си ја врши својата работа. Срамота е ова што се прави. Јас сум оперирана пред седум месеци, сега се чувствувам преубаво. Не смееме да дозволиме ова да се случи, професорот да биде шиканиран“, рече Љупка Спасовска, пациентка.
Пациентите посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев тие сега се живи и здрави.
„Пред една година имав тешка операција на Кардиохирургија. Дојдов во последен момент како тежок случај. Благодарение на професорот и тимот, со силна и тешка операција, преживеав. Еве живеам и се надевам дека и натаму ќе живеам. Кога лежев на интензивна нега, ќе се сеќавам на моментите, секој ден по неколкупати професорот доаѓаше на интензивна нега ако нешто не беше во ред. Професорот прашуваше како сум, се бореше за пациентите, даваше насоки. Му давам голема поддршка, не е во ред ова што се прави“, вели Љупчо Ангеловски, пациент.
Некои од нив сметаат дека ваквото постапување е бркање на професорот од дома.
„Потресена сум и ова ме погоди. Оперирана сум од срце. Ме прими од ходникот. Не може некој да го избрка од дома, тој овде е дома. Нема правда овде, срамота е ова. По толку трансплатации, дежурства… Кога и да отворам очи, луѓето овде работеа. Срамота е ова, срамота е човекот да го избркате од дома“, рече Тина Алексовска, пациентка.
Јовев вчера беше разрешен од директорската позиција.
Македонија
„До кога ќе молчиме и ќе ги бркаме стручните лица од земјата“, се огласи ќерката на чиј татко доктор Јовев му трансплатира ново срце

По смената на директорот на Кардиохирургија Сашко Јовев, социјалните мрежи се преполни со реакции од пациенти и медицински лица, кои го осудуваат потегот на министерот Фатмир Меџити.
Меѓу реакциите е и таа на Елеонора Димовска, ќерката на чиј татко докторот Јовев му трансплатираше ново срце пред 9 месеци. Таа вели дека Јовев како доктор бил многу професионален и посветен.
„Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава еве и тоа ќе Ви го кажам, пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста која го прими срцето беше мојот татко. Па оттука можам да зборувам за она што го направил професорот.
Од една страна за жал, а од друга за голема среќа долг период секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија, и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара а он да не е присутен, но по зборовите на НАДЛЕЖНИТЕ можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.
И не, не го кажувам ова за да го бранам Професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето кои спасуваат животи.
И знаете ли што ми е најголем проблем, тоа што познавајќи го професорот и целиот тим кој што е покрај него после ова ќе ја продолжат нивната кариера негде каде што ќе ги ценат, негде каде што ќе ги почитуваат, негде многу далеку од нашава Македонија, и тука нема да остане стручно лице кое ќе знае да го одржува во живот срцето на татко ми, срцата на сите трансплантираните, срцата на оние кои чекаат трансплантација, ако воопшто ја има во иднина.
Затоа што нивната работа не завршува кога ќе излезеш од болница, на располагање за 24 часа 365 дена во годината, секојдневно ја контролираат терапијата и ја дозираат. И сега навистина сум загрижена кој ќе ја преземе нивната работа, кој ќе го одржува во живот татко ми? или твојот татко, мајка, сестра, брат, сопруг, сопруга…? До кога ќе молчиме и ќе си прават кој што сака? До кога стручните лица ќе ги бркаме и ќе ставаме на позиција луѓе кои немаат допирна точка со позицијата, прочитавте? новиот раководител на кардиохирургија е кардиолог, повторувам кардиолог е раководител на кардиохирургија а не кардиохирург.
Искрено се надевам дека сите оние кои учествувале во одлукава се молат еден ден нивниот или животот на нивните блиски да не зависи од РАЗРЕШЕНИОТ, затоа што благодарение на нив, нема да биде тука!“ напиша Димовска на Фејсбук.