Македонија
Николоски: Владата се покажа како неспособна и треба да ја прифати нашата експертска помош

Во услови кога Македонија е во континуирана политичка криза веќе пет години, во услови кога оваа влада го одржува мнозинството со само еден до два пратеника плус во Собранието, во четвртокот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлог решение за излез од политичката и економска криза, изјави денеска за медиумите, потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
„ВМРО-ДПМНЕ понуди четири тима во четирите најгорливи области, а тоа е секако економијата, надворешните работи и евроинтеграциите, поточно односите со Бугарија, здравството и образованието. Овие четири тима со луѓе кои се високо политички профилирани во ВМРО-ДПМНЕ, но и се експерти во своите области се спремни да помогнат на Владата, а со тоа и на граѓаните, а исто така паралелно да се договори соодветен датум за предвремени парламентарни избори“, објасни Николоски.
Тој истакна дека во ВМРО-ДПМНЕ се разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одбил ваквата идеја, но додаде и дека понудата за лидердска средба и натаму е отворена.
„Неговата Влада се покажа неспособна, како Влада којашто не знае да решава проблеми, како Влада којашто ја продолжува корупцијата на Зоран Заев и како Влада којашто дополнително економски ја тоне Македонија.
Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ.
Сè различно од ова значи само голо останување на власт и сè различно од ова значи продолжување на криминалот, затоа што во најава има неколку големи тендери, повторно во четири очи во РЕК Битола, како што се случуваше минатата година“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ според кого јасно е дека излезот од кризата е во предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
Муцунски: Автокефалноста на МПЦ ни носи духовна радост и душевен мир

Честитки по повод упатувањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија од страна на светиот синод на Српската Православна Црква, упати градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„ Искрено посакуваме и веруваме дека наскоро ќе следи официјалното прогласување на автокефалноста на нашата вековна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овие значајни одлуки и благопријатни вести ни носат голема радост, духовен мир и надеж за поубава и посветла иднина на сите нас во татковината, на сите Македонци ширум светот и на целиот христијански православен свет“ напиша Муцунски.
Македонија
Павле Трајанов: Автокефалноста на МПЦ-ОА е чин со историски димензии

Денес се случи историски пресврт, тоа што не беше можно со децении, се случи: Српската православна црква ја обнароди одлуката за признавање, одобрување и потврдување на Автокефалност на Македонската православна црква, соопшти лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
„ Ова е чин со историски димензии и патоказ за тоа како се гради заедништво, респектирање на посебностите и разликите.
Македонската православна црква е вековниот чувар на Македонскиот национален идентитет, на сплотеноста и единството, како и силен поддржувач и градител на Македонија.
Честитки до поглаварот г.г.Стефан, светиот синот и сите верници.
Во овие тешки времиња за Европа и Балканот, автокефалноста на МПЦ нека биде поттик и за мирно разрешување на сите отворени прашања помеѓу балкансите народи“ порача Трајанов.