Македонија
Николоски не е оптимист за почеток на преговорите со ЕУ, бара власта да понесе одговорност
Заев, Димитров и Османи треба да поднесат одговорност, затоа што на изборите лани најавија дека ќе се почнат преговорите со ЕУ, но тоа не се случува, изјави на денешната посета во Сопиште, потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Прашан дали очекува да отпочнат преговорите со Европската унија и што доколку тоа не се случи, Николоски истакна дека сака и посакува почеток на преговори, но дека не е оптимист заради политиките на Владата.
„Едно е дали сакам, друго е дали очекувам, секако дека сакам и посакувам да Македонија конечно почне со преговорите за членство во ЕУ, тоа го заслужуваат пред се македонските граѓани, но мислам дека шансите се мали да не речам никакви, сведени само на теорија, не сум оптимист дека Македонија ќе почне за скоро преговори пред се заради политиката којашто ја води оваа Влада, не сум голем оптимист дека ќе ги започнеме преговорите“, истакна Николоски.
Во однос на предлогот кој власта го прифатила во преговорите со соседна Бугарија, Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не добила никаков предлог, ниту пак знае за што Заев разговарал и прифатил.
„Македонија треба да почне преговори за членство, но надворешната политика доживува целосно фијаско, всушност и самото тоа што имаше предлог покажува дека Зоран Заев лажеше, кој прво вети, па потоа рече дека исполнил решавање на сите проблеми со соседите, па кога го потпиша оној штетен договор со Бугарија во 2017 година рече дека сите проблеми со соседите се решени, за да денеска видиме дека воопшто не се решени, туку резултираа со вето од Бугарија за почеток на преговорите за членство и сега гледаме дека тој Договор со Бугарија не бил доволен, па се даваат нови предлози коишто претпоставувам дека се надвор од Договорот“, вели Николоски.
За новиот универзитет „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Николоски го праша Заев дали Бугарија би дозволила да се отвори филијала на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, а да го носи истото име како нивниот најголем универзитет, укажувајќи дека не гледа ниту реципроцитет.
„Имам две работи што би сакал да ги кажам. Прво, апсолутно мислам дека е корисно да се развива соработка на научен план, за тоа што науката е она што треба да ги обединува жителите, не само на Балканот туку и во цела Европа и најдобрите да одат напред. Но, она што ме загрижува е начинот на кој што ова се прави, од проста причина што од сите универзитети кои што ги има во Бугарија се избра токму овој универзитет кој што има исто име со најголемиот универзитет во Македонија „Свети Кирил и Методиј“, на кој што голем број генерации се образувале и се образуваат. Најголем дел од нас го стекнаа своето високо образование таму. И навистина на овој подмолен начин да се подриваат темелите на најголемиот македонски универзитет мислам дека е за секаква осуда“, истакна Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

