Македонија
Николоски: СДСМ го штити и брани однесувањето на Џафери за ДУИ да не им излезе од влада

Катастрофа, недостоинствено, срам и брука, тие се зборовите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање како го опишува однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери.
Николоски потенцираше дека СДСМ само за да не им излезе ДУИ од влада го бранат однесувањето на Талат Џафери.
Факт е дека СДСМ секое сабајле и секоја вечер се моли ДУИ да не им излезе од влада затоа што знаат дека единствен начин за да одложат за неколку месеци торнадо е да им остане ДУИ во влада и затоа се спремни да го бранат Талат Џафери до последно, рече Николоски.
За карактерот на Талат Џафери најдобро зборува начинот на кој што беше избран, на човек би требало да му е срам да е избран на таков начин не би требало да се нафати на функцијата, тој си ја води функцијата. Така што нема ни срам ни морал. А уште помал морал од него имаат овие од СДСМ кои што го штитат, изјави Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На владина седница уште еднаш потенцирана поддршката на ЕУ за почеток на преговорите

Владата ја одржа 58-та редовна седница, на која покрај премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата присуствуваше и се обрати и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Високиот претставник на Европската Унија денеска е во еднодневна посета на нашата земја, во чии рамки одржа средба и прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
На седницата уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија и беше истакнато дека во овој период се клучните моменти за одлука за напредокот на нашата држава од економски, политички и од социолошки аспект.
Пред министрите беше потенцирано дека европскиот предлог за почнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по неговото одобрување.
Македонија
Поставена нова парковска опрема кај езерцата во вториот дел од Градскиот парк

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ја поставија новата парковска опрема кај езерцата во вториот дел од Градскиот парк.
„Новиот парковски елемент целосно се вклопува во природниот амбиент, придонесува за збогатување на содржините во паркот и е вистинско место за пријатен престој на отворено. Видиковецот е изработен од дрвени елементи и е покриен со шиндра.
Одржувањето на зеленилото, уредувањето нови зелени површини и поставувањето нова парковска опрема е само дел од активностите што деновиве ги изведува ЈП ‘Паркови и зеленило’ во Градскиот парк, а нивните екипи се особено активни во неговиот втор дел“, велат од јавното претпријатие.
Во Градскиот парк продолжува и реконструкцијата на средишните пешачки патеки, која ја врши ЈП „Улици и патишта“, а ќе продолжи и во наредниот период со цел да се обноват со нов асфалт вкупно 3.000 квадратни метри.
Во наредниот период службите од Град Скопје ќе извршат обнова на оштетената урбана опрема во Градскиот парк, ќе се обноват нефункционалните чешми за пиење вода и фонтаните и ќе се изврши дополнително зазеленување на постојните тревници.
Македонија
Шаќири: Во регионот да се создадат ученички генерации посветени на дијалог, мир, толеранција и меѓусебно почитување

На народите што живеат во Западен Балкан им недостига повеќе сплотеност и почит кон различностите и помалку насоченост кон екстремен национализам, нетолеранција и омраза за да бидеме похармонична и поубава средина за живеење. Ако кај повозрасните промените потешко доаѓаат, кај младите сигурно дека ќе успееме да влијаеме системски, односно преку правилна поставеност на националните образовни системи и со доволно голема поддршка од граѓанскиот сектор. Мораме да ги научиме да бидат насочени кон дијалог, кон градење мир и кон поголемо меѓусебно почитување. Да прераснат во луѓе без предрасуди, да соработуваат и да разменуваат искуства верувајќи дека така ќе придонесат за подобар живот во сопствената земја, а со тоа и во регионот.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на настан во Струга, на кој беа претставени досегашните резултати од програмата за училишна размена и вмрежување супер училишта, а која ја спроведуваат Регионалната канцеларија за младинска соработка и Германското друштво за меѓународна соработка, чија цел е поврзување на средните училишта од земјите во Западен Балкан со цел подобрување на нивните капацитети за спроведување проекти за градење меѓукултурен дијалог и регионална соработка.
„Имав можност да ги видам резултатите од досегашната имплементација на оваа иницијатива, односно програма, во изминатите 6-7 месеци и можам да кажам дека се мотивирачки и очекувам во иднина да бидат уште подобри. Особено се гордеам што и некои училишта од Северна Македонија зедоа активно учество во иницијативата. Со тоа се потврдува дека и ние како земја имаме младина што покажува подготвеност за учество во креирање на промените што сите сакаме да ги видиме во Западен Балкан“, рече Шаќири.
Министерот се заблагодари за поддршката од RYCO и GIZ и, како што рече, верува дека во иднина таа ќе биде уште поголема бидејќи очигледна е намерата на сите земји од регионот да создаваат што подобри генерации ученици и млади со вистински вредности.
„Повикувам на истрајност во спроведувањето на оваа иницијатива и, секако, нејзина поголема промоција и проширување во иднина. Да вклучиме што повеќе млади и да градиме регион што ќе биде отпорен на политички влијанија, чија цел е продлабочување на јазот меѓу народите“, додаде Шаќири.
Во рамките на иницијативата, вкупно 30 средни училишта од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Косово и од Црна Гора, оранизираа 60 активности за размена на искуства преку вмрежување над 800 ученици на возраст од 15 до 17 години. Во активностите беа вклучени и повеќе од 100 наставници. Иницијативата ќе се спроведува до март 2024 година.