Македонија
Николоски: Сериозно работиме со новиот градоначалник на Росоман за формирање на една индустриска зона
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот народен митинг одржан во општина Росоман во рамки на изборната кампања ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори.
,,Промените во државата се случија минатата година, после големата победа на парламентарните и претседателските избори, и веќе една година и три месеци Македонија пулсира и живее со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во неколку општини вклучувајќи ја и општина Росоман, тие промени ќе се случат на овие локални избори“, истакна Николоски.
Тој се осврна и на поддршката која што Владата ја дава на локалните единици, а во случајот со општина Росоман кажа дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, издвои 31,5 милиони денари, или околу 500 илјади евра за изградба на улици во Росоман, меѓутоа досегашниот градоначалник ја нема почнато постапката за истото.
,,Тоа ќе остане наследство за новиот градоначалник, кој што ова ќе го реализира и заеднички ќе работиме и на бројни други проекти кои што ќе ги реализираме во општината“, вели Николоски.
Николоски зборуваше и за експресниот пат, кој беше пуштен годинава, а истакна дека веќе се работи на два проекти, заедно со ЈП Државни патишта.
,,Успеaвме на почетокот на оваа година да го пуштиме и експресниот пат, првата фаза која што одеше од Градско до Дреново и втората од Дреново до Фариш. Тука е директорот на ЈП ,,Државни патишта“ и сакам да најавам дека со него веќе работиме на два проекти. Спојот со село Сирково, тоа сме го ветиле и тоа ќе го реализираме, и второто е проширување на спојот помеѓу Росоман и експресниот пат. Има еден спој, но тој треба да се прошири и да стане еден убав модерен пат, којшто го спојува Росоман со експресниот пат и на тој начин да се стига побрзо и до Скопје, но и до Прилеп, до Битола и Росоман да има многу поголема корист од самиот експресен пат, околу кој што може да се развие и цела индустриска зона“, кажа Николоски и додаде:
,,Тоа е нешто на што треба да размислуваме на следниот период, имајќи ја предвид одличната локација, одличната поврзаност и со автопатот, и можноста компаниите директно да се приклучат на експресен пат. Мислам дека треба сериозно да работиме со новиот градоначалник на формирање на една индустриска зона, каде што ќе можат компаниите да вложуваат, а сигурен сум дека интересот ќе биде голем“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

