Македонија
Николоски: Со поддршка од Светска банка во неготински Тремник ќе се реконструираат улици
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес, се обрати од населеното место Тремник и истакна дека проектот за изградба и реконструкција нови улици во населеното место Тремник е дел од серија на проекти, со вкупна вредност од околу 16 и пол милиони евра, обезбедени преку соработка со Светска банка. Според него, Тремник ќе добие современа локална инфраструктура.
,,Секогаш е задоволство кога се почнуваат нови проекти. Ова е една серија на проекти за изградба и реконструкција на локални улици, која што ја правиме насекаде низ државата. Вкупно во соработка со Светската банка, алоциравме некаде над 14 милиони евра за локални улици коишто одеа во три повици, а во моментот имаме четвртиот и активен повик од дополнителни 2 и пол милиони евра, што значи дека вкупно некаде околу 16 и пол милиони евра инвестираме во локални улици и во реконструкција и во изградба“ кажа Николоски.
Николоски истакна дека проектот за изградба на нови улици во село Тремник успешно ќе се реализира и жителите на Тремник ќе добијат современи улици.
,,Овој повик заврши успешно и ми е драго што жителите на село Тремник, не само што ќе добијат нови улици, туку тоа ќе биде од врвни изведувачи и од врвен надзор. Тука изведувач е градежната компанија ,,Гранит“, а надзор е светски познатата компанија ,,Ептиса“. Заедно со Светска банка, овие три елементи, даваат една сигурност дека проектот ќе биде успешно завршен. Сакам да се заблагодарам на Марија, која што како секретар на Општина Неготино работеше на овој проект, го аплицираше во Министерството за транспорт, Министерството за транспорт во Светска банка и успеавме да ги добиеме средствата. А, сега како градоначалник, ќе има чест и да ја пресече овде лентата некаде за месец, до месец и половина, кога ќе се зaврши овој пат“, рече Николоски.
Според Николоски, ова е проект кој општината сама не би можела да го реализира, а додаде и дека ќе продолжи поддршката за општина Неготино и очекува уште поинтензивна работа по завршувањето на локалните избори.
,,Ќе продолжиме на овој начин да ги поддржуваме и останатите општини, а секако и општина Неготино. Само да кажам дека се работи за улици во должина од вкупно 930 метри, само во населеното место Тремник, и вкупната сума која што ќе се потроши е некаде околу 9 милиони денари. Средства кои што општината сама не би можела да си ги дозволи“, истакна Николоски и додаде:
,,Ќе продолжиме да ја поддржуваме општина Неготино и се надевам дека по завршувањето локалните избори и изборот за Марија на градоначалник, уште по интензивно ќе работиме на овие проекти“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

