Македонија
Нинџа го тужи Стоилковски за клевета, oбвинува дека функционери од ВМРО-ДПМНЕ му предизвикале страв
Тензично помина рочиштето каде Александар Василевски-Нинџа, осуден и сведок во предметот „27 април“, го тужи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, за клевета. Причината е прес-конференција каде портпаролот кажа: „Режимот на СДСМ/ДУИ пресуди над 200 години затвор заради изјавата на Александар Василевски-Нинџа, а тој ќе шета слободен по улиците. Над 200 години затвор, Нинџа помилуван од Пендаровски на предлог на Маричиќ и на Заев“.
Судијката Наташа Тодорова најпрво не овозможи тонско снимање на рочиштето со образложение дека нема услови, одби истото да го одложи додека не обезбеди судница со инсталирана опрема, не дозволи на новинарската екипа на „Макфакс“ да води забелешки, се закани со земање опрема за работа, го извади тужениот надвор од судница повикувајќи се на ЗПП, но не и на член од законот, а потоа го сослуша тужителот Василевски-Нинџа. Расправија имаше и меѓу Ружица Николовска, адвокатка на Стоилковски и судијката. Николовска бараше Стоилковски да остане во судницата, судијката да не прави суштествена повреда и да води рочиште без тонско снимање. Судијката Тодорова пак, во записник не нотираше сè што на рочиштето беше кажано, со образложение: „Судот одлучува што ќе влезе на записник“, што е спротивно за ЗПП. Сето ова, на крајот, по исказот на Нинџа, резултираше со барање за изземање на судијката, за кое треба да одлучи претседателот на судот.
„Останувам на тужбеното барање. Предлагам да се прифати“, кажа адвокатот Sвонко Давидовиќ на судењето, барајќи Стоилковски да биде осуден за упатена клевета, додека, пак, адвокатката Николовска побара барањето да биде одбиено.
Нинџа пред судот впери прст во претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и други функционери дека со нивните изјави му ја загрозиле безбедноста и предизвикале страв. Тој во граѓански суд кажа дека тој во предметот „27 април“ се бранел, а не ги нападнал другите. Нинџа посочи дека бил обвинет, а не сведок.
„Во декември 2021 година на средствата за јавно информирање видов како лицето Наум Стоилковски дава изјава пред Министерството за правда во која кажува дека лицето Александар Василевски добил ослободување од страна на Пендаровски за лажните сведочења за случајот ’27 април’ каде луѓето кои лежат 211 години се осудени врз основа на негова лажна изјава, а тој се договара со Заев и Маричиќ да биде помилуван…Тоа кај мене побудува чувство на загрозеност и страв, за мене и мојата фамилија. Кажува нешто што не е точно, дека јас сум ги наклеветил за да добијат толку високи затворски казни“, кажа Василевски-Нинџа во дел од исказот.
Се правдаше дека не ги познава Зоран Заев и Бојан Маричиќ, кои беа премиер и министер за правда во тој период кога е давана изјавата од Стоилковски. Како факт дека се плашел и дека безбедноста му була загрозена наведе дека бил преместуван од затвор во затвор. Одново раскажуваше што правел на „27 април“, споменуваше имиња на началници во УБК, кажуваше какви наредби добивал од началниците
„Со осудените лица на 211 години другарувавме и бевме едно семејство, делевме иста соба… Потоа почна ‘хушкање’ дека еден од виновниците за казната сум јас. А тоа хушкање почна од телевизиски интервјуа на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Потоа бев пренесен во затворот ‘Скопје’ во Шуто Оризари. Наум Стоилковски е капакот кога реков да се преземе некаква мерка, бидејќи притисокот веќе не можам да го трпам. Ме растревожи изјавата“, додаде Нинџа пред судот.
Адвокатката Ружица Николовска немаше ниту прашања за тужителот бидејќи немаше можност да се консултира со нејзиниот клиент, тужениот Стоилковски. Таа сметаше дека чекорите на судијката се тенденциозни. Кога во судницата влезе Стоилковски и почна да дава исказ, судијката реагираше зошто пред него има лист. Стоилковски, пак, возврати дека не чита.
„Немојте да читате, распит на странки е“, рече судијката Тодорова, а Стоилковски возврати: „Тек ако почнам да читам, ќе видите…“ и пред да ја доврши реченицата, судијката возврати: „Немојте да се заканувате“ и го опомена.
Стоилковски и Николовска обвинија за нетрпеливост и пристрасност на судијката Наташа Тодоровска на судењето и побараа нејзино изземање. Давањето исказ беше прекинато. За изземањето треба да одлучи претседателот на судот, Илир Сулејмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд, засилен ветер и грмежи
Денеска не очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, се наведува во прогнозата на УХМР.
Како што информира УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“

