Контакт

Македонија

Нова детска градинка во Сопиште

Објавено пред

Нова детска градинка беше отворена денеска во Сопиште. Детската градинка „Сонце“ ќе овозможи згрижување и воспитание на 84 деца од предучилишна возраст и се наоѓа на локација што ќе одговара и на жителите од Долно Соње, Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци.

Во неа се предвидуваат јасли за згрижување дечиња од 0 до 2-годишна возраст, како и две хетерогени групи за дечиња од 2 до 4-годишна возраст и група за дечиња од 4 до 6 – годишна возраст.

Објектот е со вкупна нето квадратура од 362 метри квадратни поделена во три занимални, дел за манифестации, административен дел, како и помошно технички дел. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедени од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во висина од 21 милион денари, појаснија надлежните.

Премиерот Христијан  Мицкоски рече дека новата градинка во Сопиште е потврда за  грижата за најмладите и најави нови градинки во Скопје.

– Би сакал што повеќе вакви објекти наскоро да бидат готови, работиме во таа насока. Очекувам оваа година уште неколку вакви објекти да отвориме во Скопје, истакна премиерот.

Тој додаде дека како Влада сите овие проекти ќе ги подржуваат и во иднина. – Сето она што претставува интерес на граѓаните, а посебно на најмилите, на најмладите, на дечињата, ќе биде наш врвен приоритет. Во таа насока е изградбата на ваков тип на објекти, нагласи Мицкоски.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски истакна дека Министерството прави максимални напори за детската заштита.

Тој информираше дека во градот Скопје се градат, доградуваат и реконструираат 16 детски градинки – четири во Гази Баба, по три во општините Ѓорче Петров и Карпош, две во Бутел, Кисела Вода и на подрачјето на Аеродром. Во завршна фаза е изградбата на градинка во Петровец, а распишана е постапка за изградба на нова градинка во општина Зелениково.

Со сево ова, како што рече тој, повеќе од 2.100 деца во рамки на скопскиот регион ќе бидат опфатени во делот на детската заштита.

– Листите на чекање ќе станат минато, подвлече Велковски.

Градоначалникот на општина Сопиште, Јане Мицевски рече дека како локална самоуправа продолжуваат да работат и во иднина за напредок на заштита на децата во претшколска возраст, како и во основните училишта. Тој додаде дека во сорабтка со Владата во моментот се реализирале проектите од вториот повик.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

По роденденот на ВМРО-ДПМНЕ следува реконструкција на Владата

Објавено пред

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека по одбележувањето на партискиот роденден на 17 јуни во Струмица, ќе започнат официјалните разговори со коалициските партнери за реконструкција на Владата.

„Следната недела после роденденот којшто ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, после тоа почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски.

Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската СДСМ дека Владата форсира предвремени избори бидејќи ги „потрошила државните пари“, премиерот оцени дека таквите тврдења се нелогични. Тој потенцираше дека партијата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните и дека целта е редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но нагласи дека се подготвени за избори доколку бидат предизвикани.

„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, кажа Мицкоски.

Прашан за коментар околу најавите за наводно повлекување на Али Ахмети од лидерската позиција во ДУИ, Мицкоски одби да коментира, истакнувајќи дека станува збор за внатрепартиски работи во кои не сака да се меша.

Прикажи повеќе...

Македонија

Еврокомесарката Марта Кос на почетокот на јули доаѓа во Скопје

Објавено пред

Еврокомесарката за проширување Марта Кос на почетокот на јули ќе ја посети Македонија.

Во фокусот на разговорите се очекува да биде новиот нон-пејпер на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Овој документ предвидува модел за забрзана и постепена интеграција на земјите кандидатки во ЕУ, што отвора нови можности за динамизирање на процесот.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека посетата на Марта Кос е дел од нејзината редовна регионална турнеја и оцени дека таа претставува уште една потврда за интензивната комуникација на Владата со европските партнери.

„Според опозицијата Владата била изолирана, а како таква изолирана јас во рок од два месеци остварив билатерална средба со турскиот претседател, со францускиот претседател и со германскиот канцелар. На билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев на билатерална посета кај австрискиот канцелар и претседателот на Европскиот совет беше тука во Скопје – сето тоа за само два месеца“, изјави Мицкоски.

Доаѓањето на комесарката Кос во Скопје следува непосредно по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, во период кога повторно се актуелизира прашањето за деблокада на македонскиот пат кон Унијата.

Прикажи повеќе...

Македонија

(Видео) Петрушевски: Слугувањето на Филипче на официјална Софија му се удира од глава

Објавено пред

„Венко Филипче и раководството на СДС заслепени од желбата за власт, а поради неможноста да дојдат до истата, бидејќи само тонат за што има и податоци, решително се ставија на страната на официјална Софија“ – ова денеска на прес-конференција го изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

„Тие како и да не разбираат дека токму држењето на оваа страна и слугувањето на софиското раководство се причината за нивното тонење. Дали е можно некој да е подготвен до тој степен да распродаде се свое, се македонско, дали е можно некој безусловно да прифаќа диктати од официјална Софија за внесување на Бугари во Уставот, притоа знаејќи дека барањата не сопираат тука, односно дека истите удираат и по македонскиот идентитет, историја. Да, можно е, и на тоа сведочиме секојдневно, го гледаме Филипче како слугува на официјална Софија, кој се однесува како специјален претставник на бугарската политика во Македонија. Токму тоа го гледаме од човекот кој може да се нарече секако само не политичар кој се грижи за Македонија и граѓаните. Полтронскиот однос на Филипче кон Бугарија му се удира секојдневно од глава“, кажа Петрушевски.

Пратеникот нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја става сопствената држава пред сè останато.

„За разлика од Филипче и раководството на СДС, ВМРО-ДПМНЕ јасно ја става сопствената држава Македонија пред се останато. Потоа јасно работи за доброто на секој еден граѓанин во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ јасно чекори кон исполнување на европските вредности, нивната секојдневна употреба“, заклучи Петрушевски на денешната прес-конференција.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет20 минути

Иран до САД по израелскиот напад врз Бејрут: „Играта на добар и лош полицаец е застарена“

По нов израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, еден од водечките ирански политички функционери упати остри критики кон САД,...

Регион1 час

(Видео) Тешка поморска несреќа кај Сплит: се судрија едрилица и катамаран, има загинати

Три лица загинаа, а едно се води како исчезнато по судир на катамаран и едрилица во морето меѓу островите Шолта...

Економија2 часа

СДСМ: „Мој ДДВ“ не работи затоа што нема пари во буџетот

СДСМ обвини дека апликацијата „Мој ДДВ“ веќе неколку дена не функционира, поради што граѓаните имаат проблеми со скенирање фискални сметки...

Економија2 часа

(Видео) Филипче помеѓу земјоделиците: Зголемени трошоци, намалени субвенции, ниски откупни цени, откуп нема

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Карбинци обвини дека земјоделството се соочува со сериозни проблеми и оцени дека состојбата...

Свет2 часа

Иран поделен околу договорот со САД: протести, обвинувања за „капитулација“ и неизвесност во последен момент

И покрај сигналите дека САД и Иран се приближуваат до историски договор за ставање крај на актуелната криза и за...

Економија2 часа

(Видео) Од есен би можела да почне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до јули треба да бидат завршени клучните студии за изградба на брзата пруга на Коридорот...

Спорт2 часа

„Најлошо прво полувреме на Бразил, уште од оние 7:1 против Германија“

Бразил го отвори Светското првенство со реми 1:1 против Мароко, а реакциите во татковината, за настапот на националниот тим се...

Црна хроника2 часа

Ограбил обложувалница во Тетово, уапсен на аеродромот додека се обидувал да избега од државата

СВР Тетово поднесе кривична пријава против 26-годишен тетовец, осомничен дека ограбил спортска обложувалница во градот. Според информациите од билтенот на...

Спорт2 часа

Грчките специјалци го спасиле Тајрик Џонс од бесните играчи на Панатинаикос

Јаки полициски сили, во полна борбена опрема, спречија потера по Тајрик Џонс во „Салата на мирот и пријателството“. Кога слушнаа...