Македонија
Нова дополнителна сила за македонската Армија – промоција на нови офицери и подофицери
Во воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа свеченост на која беше промовирана 24. класа потпоручници, слушателите на курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин и слушателите на основниот курс за подофицери во чин водник.
На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој на новите лидери во Армијата, офицери и подофицери им порача: „Лидерството не е само авторитет, лидерството е инспирација, давање пример и негување работна средина во која секој ќе може да напредува, а вие сте повикани да водите со мудрост, храброст, одлучност и да носите одлуки со чесност и интегритет, кои ќе ги отсликуваат вредностите што ја дефинираат нашата Армија“.
Пред присутните Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да им служат на државата и граѓаните и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.
Министерот Мисајловски во своето обраќање ја потенцира важноста на Воената академија во регионални рамки.
„Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите што им претстојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во алијансата“, рече Мисајловски.
На денешната свеченост се обрати претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, која на новите офицери и подофицери им рече: „Вашите животи знам дека не се исти. Но, денеска овде и за време на студиите се спојуваат. Животот е еден трнлив, незапирлив марш кон слобода, кон знаење, кон успеси. Никогаш не заборавајте дека тој пат го изоделе и го отвориле илинденците, партизаните, асномците, а потоа и вие.
Армијата, всушност, е едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ги браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината и додаде: „Никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва дека сте тука, пред сè, за македонските граѓани и за одбраната на македонската република“.
„Со вашата упорност и решителност покажавте дека секоја препрека може да се надмине. Заедно, со посветеност и верба, ги надминавте сите сомнежи и ја потврдивте вашата сила. Секој од вас има своја улога во оваа приказна на успехот. И, денес, стоите овде не само како поединци, туку како доказ за тоа што може да се постигне кога се работи заедно, со верба во себе. Ова е вашето време да ги докажете своите способности, да покажете што значи вистинска храброст и да изградите светла иднина за Армијата и државата“, им порача деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски, на новите офицери.
Денеска во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската Армија (12 жени и 12 мажи), 8 од Црна Гора и 6 од Босна и Херцеговина. Во прв офицерски чин – поручник беа промовирани 60 слушатели, кои во периодот септември 2023 – февруари 2024 и февруари – јули 2024, поминаа шестмесечен курс за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството и Армијата и 60 подофицери во чин водник.
На денешната свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министерот за спорт, Борко Ристовски, претставници на воено-дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина и Црна Гора и други високи гости од Министерството и Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oпштина Аеродром реагира: Ги унапредуваме условите во училиштата за разлика од времето со СДСМ кога децата немаа учебници
Остро ги отфрламе обвинувањата од СДСМ за тоа дека изминатите години не сме придонеле ништо за модернизација на нашите училишта, затоа што реалноста е сосема различна од нивните тврдења, реагира Општина Аеродром на обвинувањата што претходно денес ги изнесе СДСМ.
Општината нагласува дека додека СДСМ беа на власт, учениците не добиваа ниту учебници, што се основни средства за изведување на наставата, па поради тоа сега немаат никаков кредибилитет да ја критикуваат, ниту централната, ниту локалната власт.
„Ние како Општина, изминатите три години навистина се потрудивме учениците да го добијат најдоброто, а училиштата да ги следат современите текови на образовниот процес. Токму затоа ќе издвоиме дел од проектите и од активностите што се реализирани во училиштата во Општина Аеродром.
– Проект ,,Учиме да пливаме” воведовме бесплатни часови за пливање за секое прваче и за дечињата со посебни образовни потреби;
– Проект – грижа за дечињата со посебни образовни потреби – бесплатни часови по пливање и бесплатни часови за спортување со лиценцирани тренери во ООУ „Александар Македонски“ каде спортуваат и се дружат со останатите дечиња од групата;
-Проект Дигитализација на наставниот процес во училиштата;
– Бесплатен таблет за секој ученик во четврто одделение според концепцијата за дигитализација на основното образование и смарт табли за секое училиште;
– Проект – фотоволтаици на секое училиште – поставени фотоволтаици на сите основни училишта;
– Инвестиравме во енергетско ефикасни фасади на училиштата ( ООУ „Блаже Конески“ и подрачното основно училиште „Гоце Делчев“)
– Реконструкција на внатрешноста на ООУ „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“.
– Промена на санитарните јасли во „Љубен Лапе“, „Лазо Ангеловски“, „Браќа Миладиновци“, централното и подрачното училиште „Гоце Делчев“.
– Реконструкција на велосипедскиот полигон во „Ѓорѓија Пулевски“
– Секоја година учениците добиваат бесплатна училишна униформа;
– А, само оваа година Општината издвои 5 милиони денари за реконструкција и санација на училиштата;
Тука не застануваме, наредните денови ја отпочнуваме градбата и доградбата на ООУ „Блаже Конески“ со што значително ќе се зголеми капацитетот на ова училиште, едно од најстарите училишта во Аеродром, кое конечно ќе добие нов изглед.
Ова се само дел од инвестициите во училиштата во Аеродром, а ние остануваме посветени на унапредување на условите во воспитно-образовниот проецес, како за учениците, така и за наставниците“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.
Македонија
ДУИ: Неспособноста на губитниците од Вреди ја прекина постапката за двојазични сообраќајни табли
Јавното претпријатие за државни патишта ги стопираше постапките за проектот на претходното раководство кој имаше за цел промена на сите сообраќајни знаци на автопатиштата, согласно законот за употреба на албанскиот јазик, велат од ДУИ преку допис до медиумите.
Оценуваат дека се работи за чекор без преседан и штетен за спроведувањето на законот кој гарантира јазична еднаквост.
„И покрај тоа што заврши процесот на избор на фирма за реализација на проектот, сегашното раководство одлучи да ја прекине постапката. Ова може лесно да се провери во електронскиот систем за јавни набавки, што отвора сериозни прашања за односот на оваа влада кон спроведувањето на овој закон. Демократската унија за интеграција предупредува дека овие неуспеси се резултат на недостатокот на изборен легитимитет на оваа власт, нејзината јасна неспособност да управува со клучните процеси и нејзината зависност од политичките влијанија на ВМРО. Овие постапки се неприфатливи и сериозно му штетат на процесот на институционална еднаквост во државата“, велат од ДУИ.
Опозициската партија додава дека наместо да се соочат со своите одговорности, тие се обидуваат да ги прикријат овие масовни неуспеси со неосновани политички напади и непотребни прогони.
Македонија
За ВМРО-ДПМНЕ однесувањето на СДСМ е лицемерно: Продадоа сè што можеше да се продаде, а сега критикуваат
Социјалдемократскиот сојуз треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ, реагира ВМРО-ДПМНЕ, по денешната прес-конференција на Боданка Кузеска од СДСМ на тема посетата на претседателката Сиљановска во Софија и знамињата на средбата со нејизниот колега Румен Радев.
Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека не е изненадување што СДСМ повторно се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и полувистини.
„Веќе станува повеќе од јасно дека освен Халеевата комета константни се единствено предавствата на СДС. Кога се на власт оваа корумпирана клика ја продава државата, а кога се во опозиција, прават сѐ за да ги опструираат институциите и да ја кочат Македонија. Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат“, реагира владејачката партија.
Понатаму се додава дека излишни се лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. ВМРО-ДПМНЕ е децидно дека стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста.