Македонија
Нова постапка против „1ТВ“ бидејќи мајката на Боки 13 доби државна функција
Агенцијатa за медиуми ќе поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи беше обелоденето дека мајката на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, добила државна функција како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Јасминка Јовановска на оваа позиција беше назначена во петокот со гласање на седница на Собранието. Медиумите пренесоа дека препораката за Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието.
Според член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми, „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не може да вршат радиодифузна дејност, ниту да бидат основачи, соосновачи или да добиваат учество во сопственоста на радиодифузерите“.
Во случајот сопственик на телевизијата „1ТВ“, според податоците од Централниот регистар, е фирмата „БМЈ медија груп“, а директор е Јасна Мандиќ. Сопственици на „БМЈ медија груп“ се Јасна Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. Во овој случај или Јовановски како сопруг на Јасминка Јовановска треба да се откаже од сопствеништвото во телевизијата или таа да се откаже од јавната функција.
Вакви случаи веќе беа познати во јавноста со „Сител“ и со „Канал 5“ кога Горан Ивановски (син на Љубисав Иванов – Ѕинго) и Емил Стојменов (чиј татко Борис Стојменов беше носител на јавна функција) мораа да го сменат сопствеништвото во телевизиите.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиуми и претходно поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, на јавните настапи се претставува како сопственик на телевизијата иако формално-правно не е, но оваа постапка не беше изгласана од страна на Советот.
Постапката против „1ТВ“ ќе се отвори на седница на Советот на Агенцијата за медиуми в петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во скопска Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата идна Влада ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Идната влада ќе имплементира модел за намалување на цените и ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. Народот не смее да го преплаќа лекот.
Ќе се спроведе ревидирање и модернизирање на позитивната листа на лекови со вклучување на најголем дел од основните лекарства кои граѓаните ги користат.
Лековите мора да се издаваат согласно потребите на пациентот, со персонализирана и индивидуализирана терапија. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го крене здравството на сосема ново ниво“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.