Македонија
Новиот министер за хаосот со паркингот на Клинички: Имаме идеи, сè уште немаме решение

Краткорочно имаме идеи, сè уште немаме решение, но работиме на тоа и веруваме дека за кратко време ќе бидете известени, изјави новиот министер за здравство, Азир Алиу, за хаосот со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тој рече дека паркингот не е ни мапиран, односно не се знае ни колку паркинг-места има.
„Знаеме дека еден од главните инфраструктурни проблеми, освен зградите и внатре во Клинички, е паркингот. За жал, паркингот не е ни мапиран, ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори за да видиме колку паркинг-места има, со длабока анализа ќе видиме колку пациенти има, колку вработени и ќе излеземе со краткорочно решение“, рече Алиу.
Долгороченото решение за паркингот, додаде тој, ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар.
„Ќе мора да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција“, рече Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром за првпат ја реконструира водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче

Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче, со што преку реализација на овој значаен проект конечно се решава повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во овој дел од Аеродром, известува Општината.
„Станува збор за клучна улица во должина од околу 1300 метри со вкупно 109 приклучоци и можност за нови приклучувања на оваа мрежа.
Реконструкцијата опфаќа замена на старите и дотраени цевки со дијаметар од 80 милиметри со нови и современи цевки со дијаметар од 225 милиметри.
Старата водоводна мрежа со години предизвикуваше загуби на притисокот поради што дел од потрошувачите во одредени периоди од денот често остануваа без вода.
Токму со замената на цевките ваквиот проблем ќе замине во историјата, а жителите на овој дел од Долно Лисиче конечно ќе имаат непречен пристап до вода.
Исто така, со реконструкцијата ќе бидат поставени и 15 пожарни хидранти по должината на целата улица, со што се зголемува безбедноста во случај на појава на пожари и други непогоди“, се наведува во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Македонија го зајакнува својот одбранбен капацитет- набавени артилериски системи и опрема согласно НАТО стандардите

„Денеска стоиме пред важен чекор на нашата држава, го зајакнуваме својот одбранбен капацитет, ја модернизираме својата армија и јасно покажуваме дека знаеме да вложуваме одговорно, стратешки и во интерес на безбедноста на своите граѓани. Со гордост објавувам дека преку Министерството за одбрана успешно ги реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Во рамки на првиот договор, се набавени и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година.
Со вториот договор, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.
Но оваа набавка не е изолиран случај. Таа е дел од една поширока слика. Ние градиме и придонесуваме на секое поле – во економијата, во енергетиката, во земјоделието, во здравството, во образованието и да, и во одбраната. Затоа што напредна држава не е онаа што се развива само во еден сектор, туку онаа што се издигнува во целина.
А силата на една држава се гледа токму во способноста да го заштити својот суверенитет, да го гарантира својот мир и да стои цврсто кога е предизвикана. Без безбедност, нема стабилен развој. Без силна одбрана, нема трајна стабилност.
Ова не се само бројки. Ова се живи сведоштва за новиот пристап кој го градиме – пристап во кој безбедносниот систем се развива темелно, домаќински и со јасна цел. Да обезбедиме одбранбен систем кој ќе се темели на сопствена сила и стратегија.
Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите.
Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план, има стратегија. Има волја и одговорност.
Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците.
Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ.
На сите припадници на Армијата – ви честитам.
Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на Македонија“, изјави Мицкоски.
Македонија
Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Министерството за здравство ја информира јавноста дека, согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C.
По тој повод, Министерството за здравство потсетува за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
-Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци.
-Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи.
-Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот.
-Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.
-Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот.
-Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Министерството внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.