Македонија
Нови летови со „Визер“: Бари, Стокхолм, Мадрид и Ларнака од аеродромот во Скопје, Базел од Охрид
Новите пет авионски линии на „Визер“ – Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел – почнуваат од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, денеска, 27 октомври, и утре, 28 октомври, соопштуваат од „ТАВ Македонија“.
„Многу сум среќен што денеска, на почетокот на зимската сезона, пет нови авиолинии почнуваат од двата аеродрома, во Скопје и во Охрид. Секако, со поддршка на Владата и благодарение на посветеноста на ‘Визер’. Сигурен сум дека овие 5 дестинации, дефинитивно, ќе бидат посетени и сакам да додадам уште нешто, многу важно – дека овие нови дестинации што ги најавувам се избор на патниците, избор на оние патувачи што со нетрпение очекуваат да бидат поврзани со овие градови од двата аеродрома, од овде во Македонија“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Новата линија Скопје – Стокхолм почна утрово со првиот лет во 6.05 часот. Овој пат „Визер“ лета до главниот аеродром во Стокхолм – „Арланда“. Првиот лет на линијата Скопјe – Бари ќе почне со полетување на „Визер“ до овој град на италијанскиот брег денеска во 14.40 часот. Oд аеродромот во Охрид првиот лет за Базел полетува денеска во 12 часот.
Утре, на 28 октомври, ќе почне и новата линија Скопје – Мадрид со првиот лет во 16.05 часот. Враќањето на линијата Скопјe – Ларнака ќе почне со лет што пристигнува од Ларнака до Скопјe утре во 7.15 часот.
Летовите што почнуваат денеска, 27 октомври, од Скопје до Стокхолм и Бари, како и од Охрид до Базел, ќе се одвиваат двапати неделно – секој понеделник и петок.
Летовите што започнуваат утре, 28 октомври, од Скопје до Мадрид, ќе се реализираат секој вторник, петок и сабота, а од Скопје до Ларнака – вторник и сабота.
Како што соопштуваат од „TАВ Македонија“, тие очекуваат голем обем на патнички сообраќај на сите пет нови линии на „Визер“ имајќи го предвид фактот дека сите овие градови се атрактивни туристички дестинации, кои беа барани од патниците.
Од петте нови линии што почнуваат денескa и утре, Мадрид и Бари се целосно нови дестинации за македонскиот пазар, односно главниот град на Македонија првпат ќе биде поврзан со шпанската престолнина и со италијанскиот крајбрежен град.
Ларнака и Базел се повторно воспоставени линии, а Скопје – Стокхолм е нова авионска линија бидејќи „Визер“ отсега ќе лета кон главниот аеродром во шведската метропола – „Арланда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

