Македонија
Нови стандарди во офталмолошката грижа: Извршени девет трансплантации на рожница
Во рамки на еднонеделниот престој на медицинска делегација од Duke University (САД), една од водечките светски институции во клиничката медицина, на Универзитетската клиника за очни болести беа изведени вкупно девет трансплантации на рожница, поставувајќи нови стандарди во офталмолошката грижа во нашата држава, соопшти Министерството за здравство.
Делегацијата, составена од проф. д-р Лојд Вилијамс, асс. д-р Ник Гарсон и д-р Шина Сонг во рамки на посетата беше примена и од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу.
„Започнувањето на ова поглавје е резултат на едногодишна, темелна и посветена подготовка започнувајќи од организирањето на националната листа на чекање, усогласувањето на протоколите и административните процедури, до создавање партнерство со Duke University, САД. Верувавме дека нашата земја има потенцијал за современа трансплантација на рожници и денес тоа го покажуваме со првите успешни трансплантации“, посочи националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.

„Горд сум што Македонија демонстрира знаење, визија и силна институционална посветеност. Ова е огромен медицински успех и доказ дека можеме да го модернизираме здравството и да им обезбедиме најдобра можност на пациентите кои долго го чекаа овој момент“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
„Ова претставува исклучително значаен и долгоочекуван чекор напред за нашето јавно здравство, за нашата институција, но пред се за пациентите кои имаат потреба од ваков вид високо-специјализиран третман. Македонија прави огромен напредок кон современа, достапна и висококвалитетна офталмолошка грижа, отворајќи ново поглавје за сите пациенти. Партнерството со Duke University, нивната донација на ткива и директната соработка во оперативните сали создадоа силен темел за натамошен развој на програмата“, изјави директоркатана Клиниката за очни болести, доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов.
Трансплатациите беа реализирани од тимот на Универзитетската клиника за очни болести во состав: директорката на Клиника за очни болести, доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, насл. доц. д-р Христијан Дума, прим. д-р Бисера Велковска, асс. д-р Ана Трпеска Бошкоска; анестезиолозите д-р Катерина Аспроска Блажевска и д-р Ангелина Трајчевска; анестетичар Канита Арифи, како и медицинските сестри и инструментарки дипл. мс. Билјана Трајчева, мс. Тамара Тасевска, дипл. мс. Суреја Идризи, дипл. мс. Марина Трајковска и целиот персонал на клиниката.
Од изведените интервенции, според медицинска индикација, две беа направени со методата DMEK – најсоврмена техника при која се трансплантира само еден микронски слој од рожницата, што првпат се изведе во нашата земја, и останатите седум беа пенетрантни кератопластики (PRK), првпат во јавното здравство по половина век.
„Со овие успеси, трансплантацијата на рожници во Македонија добива современ, одржлив и светски квалитетен модел“, велат од Здравство..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Целта е да изградиме модерен и европски здравствен систем: Алиу ги презентираше реформските процеси во здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги презентираше реформските процеси на состанокот на секторската работна група за здравство, што се одржа во Владата.
– Здравството претставува темел на стабилно, просперитетно и демократско општество. Нашата заедничка цел е да изградиме модерен, одржлив и европски здравствен систем – систем кој ќе биде ефикасен во превенцијата, навремен во дијагностиката, квалитетен во лекувањето и подеднакво достапен за сите граѓани. Продолжува тековната имплементација на ИПА II и ИПА III проектите, напредокот на националниот систем за трансплантација, како и реализацијата на инфраструктурните инвестиции во здравствениот сектор, рече во обраќањето Алиу.
Тој посочи дека Министерството финализираше и усвои повеќе стратешки документи со долгорочно значење за јавното здравје, меѓу кои Стратегијата за ретки болести, како прв системски документ кој поставува јасни цели за дијагностика, третман и поддршка на пациентите и нивните семејства, Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје, која го зајакнува пристапот до квалитетни, инклузивни и правично достапни услуги за сите категории население и Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030, кој претставува современ, превентивен и интерсекторски документ подготвен во согласност со европските стандарди и препораките на ЕК и СЗО.
На состанокот учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Светска Банка, чија поддршка е од исклучително значење за унапредување на здравствениот систем и за негово усогласување со стандардите на Унијата.
-Ова е јасен доказ за заедничката определба за системско унапредување на здравствениот сектор и за поддршка на реформските процеси што нашата држава ги спроведува на патот кон Европската Унија, истакна Алиу.
Македонија
Сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици
Сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици, кажа на денешната седница на Советот на градот Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„На денешната седница на Советот на градот Скопје, го потврдив она што го ветив во мојата кампања, дека започнуваме со целосна енергетска трансформација на образовните институции. Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат. Ова е сериозна економска мерка која ќе значи над 30% намалување на трошоците за електрична енергија. Токму овој модел успешно го воспоставивме во сите основни училишта во Кисела Вода, а сега го пренесуваме на ниво на цел град.
Фотоволтаиците се најчистиот и најисплатлив извор на енергија“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со оваа инвестиција се создадават современи училишта кои произведуваат чиста енергија и ги учат младите на вистинските вредности, на одржливост, иновација и грижа за средината.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Третиот стожер на „Стратегијата Македонија 2030“ е правна држава и институционална зрелост
Развојот на државата е невозможен без силни и доверливи институции. Затоа, „Стратегија Македонија 2030“ поставува јасна обврска, а тоа е систем изграден од правила, стандарди и професионализам, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес го презентираме третиот стожер – Правна држава и институционална зрелост. Нашиот план се заснова на три основи, а тие се независност, професионалност и транспарентност.
Првиот чекор е итно потребен, а тоа е независно судство. Судиите и обвинителите мора да напредуваат според компетентност, интегритет и резултати, а не според партиска припадност. Во овој дел дигитализацијата ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ја намали можноста за евентуални злоупотреби“.
Вториот чекор, вели тој, е администрација која ќе служи на граѓаните, а не командува. „Јавната служба мора да биде според мерит-систем, а тоа значи професионална и ориентирана кон граѓанинот. И во овој дел, дигиталните процеси ја намалуваат корупцијата и ја зголемуваат ефикасноста.
Третиот чекор е реална борба против корупцијата. Не со прес-конференции, туку со систем. Дигитализирани јавни набавки, автоматски проверки, алгоритамски аларми и професионални структури независни од политиката.
Четврт и последен чекор од овој трет стожер е полиција со кредибилитет. Полиција која мора да штити, а не да владее. Таа мора да биде видлива, одговорна и доверлива.
Правната држава не е формалност, таа е темел на економијата, демократијата и стабилноста. Системот мора да биде посилен од било кој поединец“.

