Македонија
Нормализирана испораката на топлинска енергија

Нормализирана е испораката на топлинска енергија откако утрово повеќе скопски општини останаа без парно греење поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа.
Кај приклучените потрошувачи на системот за централно греење од овој реон испораката на топлинска енергија се реализира согласно мрежните правила кај сите станбени и деловни објекти каде што утрово после 10 часот беше намален квалитетот на испорака, со исклучок на дел од потрошувачите во Општина Центар, велат од ЕСМ.
Оттука додаваат дека продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот во близина на Олимписки базен, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод.
Станува збор за интервенција врз магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
Директорот на ЕСМ, Петар Милетиќ ја обвини претходната власт за двегодишна целосна негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа.
„Претходното раковоство кадри на СДСМ и на ДУИ кои несовесно и неодговорно раководеа со системот за дистрибуција на топлина придонесуваат за појава на неочекувани дефекти. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод. Некоректно е дефект на топлификациската мрежа кој е последица на негрижата на претходното раководство, да се користи за паника и вознемиреност кај граѓаните на Град Скопје во функција на добивање ситни дневнополитички поени“, вели Петар Милетиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Фото) Опожарени два контејнера во населбата Серава

Во текот на минатата недела, непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава, во општината Чаир. Контејнерите беа лоцирани на улицата Серава, а истите се со зафатнина од 1,1 кубен метар, извести Комунална хигиена-Скопје.
Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, по што биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.
„Апелираме до граѓаните внимателно да ракуваат со контејнерите поставени на јавни површини, бидејќи секое нивно оштетување значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на тековните активности предвидени согласно Оперативната програма за работа на Претпријатието“, изјави в.д.директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми.
Во текот на 2024 година беа опожарени 24 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи.
Скопје
ЗЕЛС ја прифати иницијативата на Герасимовски, малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа

ЗЕЛС едногласно ја усвои Иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.
Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави, соопшти општина Центар.
Скопје
Минатата недела санкционирани се 155 непрописно паркирани возила во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 03.02. до 09.02.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 155 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар“, велат од ЈП Паркинзи.