Македонија
Обвинетите за прислушувањето ги добивале материјалите на нивните компјутери
Обвинетите за прислушувањето во предметот „Таргет-Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство материјалите го добивале на нивните лични компјутери, а Никола Бошкоски гу уништил направените фотографии и видеа од дробењето на системите за прислушување, пишува во првиот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО. Единствено за ова обвинение, СЈО не објави анонимизиран примерок на нивната веб-страница, поради бројните класифицирани документи наведени во обвинителниот акт.
Во извештајот кој денеска го претставија од ОБСЕ, накусо ги пишува дејствијата на обвинетите: „СЈО тврди дека во февруари 2015 година, по објавувањето на бомбите, Горан Грујевски и Сашо Мијалков се обиделе да го сокријат фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите Vernit и Nice Track во време кога Nice Track сè уште бил во употреба“. Грујевски, заедно со шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, воспоставил ад хок Комисија, во отсуство на какви било законски основи. Процесот го одобрила Гордана Јанкулоска, тогашната министерка за внатрешни работи. Со таквите дејствија, според СЈО, му била нанесена штета на буџетот од 87.261.058 денари.
Уништувањето на системите било изведено во 2 фази. Во првата фаза, системите биле уништени на 28 март 2015 година во отпадот за старо железо „БУ-БО Металика“, каде системите биле демонтирани и ставени во преси. Транспортот го организирале Грујевски, Јакимовски и Бошкоски. Уништувањето го извршиле неколку лица, како и двајца вработени во „БУ-БО Металика“. Еден од членовите на комисијата го снимал со видеоснимки уништувањето на системите за прислушување.
Втората фаза се одвивала на 3 април 2015 година. Грујевски, како што пишува во извештајот, им наредил на неколку членови на комисијата да се осигураат дека системите за прислушување се целосно уништени. Второто уништување се одвивало во „Еко-Циркон“ во Маџари (општина Гази Баба). Таму, двајца од вработените на компанијата го ставиле згмечениот материјал во дробилка и го издробиле. Постапката била документирана со фотографии и видеоснимки. Комисијата им поднела извештај на Мијалков и Јанкулоска, докажувајќи им дека задачата е извршена, а Никола Бошкоски ги уништил фотографиите и видеоснимките од операцијата.
Елена Џ., началничка на Секторот за телекомуникации во МВР, му помогнала на Грујевски да ги сокрие доказите од следените телефонски броеви. Таа ги отстранила податоците од трите LI IMS сервери, кои биле во сопственост на трите мобилни оператори, при што податоците ги префрлила на мемориски стик.
Во предметот „Таргет“, СЈО тврди дека Сашо Миијалков формирал злосторничко здружување со цел незаконско следење на комуникациите од големи размери за да добива информации за сите општествени сфери. Основачи на злосторничкото здружување се началникот на петтата управа, бегалецот Горан Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ.
Мијалков, Грујевски и Николиќ им наложиле на седуммина свои потчинети да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS) за да ги следат комуникациите во УБК. Четворица од службениците се обвинети за злосторничко здружување, а СЈО не поднело обвиненија против тројцата службеници кои помагале во прислушувањето, зашто тие се сведоци во постапката.
Еден од нив е Звонко Костовски, главниот инженер во Одделот за одржување и телекомуникации на петттата управа во УБК, а потоа раководител во одделот за информатичка и техничка поддршка. Костовски го надгледувал техничкиот процес на спроведување на незаконското следење на комуникациите. По барање на лидерите на групата, тој креирал посебни кориснички профили и ги групирал со име „важно“, овозможувајќи им на креаторите на групата пристап до системот за надзор и можност да ги слушаат пресретнатите комуникации лично на нивните компјутери. Костовски потоа материјалите му ги предал на Ѓорѓи Лазаревски, а тој му предал на Зоран Верушевски, за на крајот, Верушевски да му ги предаде на Зоран Заев.
Судењето за масовното прислушување неколку месеци се одложува поради екстрадицијата на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски и поради фактот што судијката Џенета Бектовиќ на сите судења досега го констатираше истиот записник дека се очекува одлука на Врховниот суд за нивното екстрадирање. Следното рочиште е закажано за в петок, 31 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, фабрикување афери.
Во соопштението се наведува дека станува збор за Black Cube, израелска приватна разузнавачка компанија, која СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели“.
„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека тим на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и одржал состаноци во хотел, на кои, како што посочуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.
Партијата оценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“.
Во соопштението се прави и споредба со Унгарија, при што се наведува дека вакви методи претходно биле користени од Виктор Орбан, а се споменуваат и наводни активности поврзани со избори во други земји.
„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата“, наведуваат од СДСМ.
Во реакцијата се додава дека, и покрај овие наводи, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Венко Филипче и СДСМ стануваат сѐ поарогантни и дека делуваат целосно отуѓени од реалноста, оценувајќи дека наместо да се занимаваат со состојбите во Македонија, се фокусираат на политички случувања во други држави.
„Чекаме Филипче и СДС да расчистат со политичките случувања во другите држави, за да се вратат во реалноста и да почнат да бидат опозиција во Македонија“, велат од партијата.
Во соопштението се наведува дека СДСМ не се соочува со сопствените слабости, „и покрај реакциите од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна“, како и покрај јавните настапи на нивни поранешни членови и функционери.
ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на изборите во Унгарија, наведувајќи дека по победата на партијата Тиса, која според нив е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, опозициската партија „очајнички бара некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“.
„Филипче на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДСМ, на истите тие избори доживеа дебакл. За тоа досега нема коментар“, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ понатаму посочуваат дека Филипче коментирал и за стратешкиот договор со Велика Британија, тврдејќи дека станува збор за договор за носење мигранти во земјава, но дека по демантите од институциите и од британскиот амбасадор, „останаа без коментар“.
Во реакцијата се споменуваат и тарифите од страна на САД, при што владејачката партија наведува дека по потпишувањето заедничка изјава со САД и намалувањето на тарифите, од СДСМ повторно немало коментар.
„На никој не му е јасно што прави Филипче. На Филипче не му е јасно што прави Филипче“, стои во соопштението, каде ВМРО-ДПМНЕ оценува и дека тој ги продолжува, како што велат, „антидржавните политики“ од времето на Зоран Заев.
Во продолжение, партијата наведува дека СДСМ се скарала со сопартијци, оттурнала поранешни функционери, влегла во конфликт со медиуми и новинари, а сега, како што тврдат, „отворено иницира кавги со други држави и нивни претставници во земјава“.
„СДСМ се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следни избори, според тоа како Филипче ја води партијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека преку, како што велат, „ПР-от на Башановиќ истата матрица продолжува“, обвинувајќи дека СДСМ се занимава со лаги и конструкции и постојано се претставува како жртва.
„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ДУИ: Алармантен пад на странските инвестиции
Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за сериозен пад на странските директни инвестиции во Македонија, повикувајќи на политичка одговорност од актуелната власт.
Според партијата, во 2025 година инвестициите се намалиле за 61% во однос на претходната година, достигнувајќи вредност од 468 милиони евра, што го оценуваат како „еден од најслабите резултати во регионот и тежок сигнал за економијата на државата“.
Во соопштението се нагласува дека странскиот инвеститор бара правна сигурност, функционални институции, политичка стабилност, професионална администрација и јасна евроатлантска перспектива, додавајќи дека „кога државата создава неизвесност, политички тензии и недостаток на стратешка насока, капиталот избира други дестинации“.
Од ДУИ предупредуваат дека последиците од ваквиот пад се директни и сериозни: „Падот од 61% значи помалку работни места, помало производство, помали можности за повисоки плати и помалку шанси за младите“.
Партијата ја критикува Владата дека наместо ветениот економски развој и рекордни инвестиции, резултатите се спротивни, наведувајќи дека „внатрешната политичка изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, затегнатите односи со меѓународните партнери и застојот на европскиот пат создаваат директни економски последици“.
„За оваа состојба мора да има јасна политичка одговорност. Влада која за кратко време ја носи државата на дното во регионот по странски инвестиции, нема кредибилитет да бара трпение од граѓаните“, се наведува во соопштението.
Од ДУИ порачуваат дека „оставката на оваа влада е првиот неопходен чекор за враќање на довербата, стабилноста и развојната перспектива на државата“.
