Македонија
(Видео) Обвинителката бара да се замрзне имотот и земјиштата кои се под истрага

Обвинителката Ивана Трајчева рече дека во утринската акција на МВР, по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се уапсени 10 лица, а по едното полицијата се` уште трага. Десетмина се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице за несовесно вршење на службата.
Обвинителката рече дека утрово бил пуштен предлог за привремено обезбедување на имотно правното побарување до судот.
„Предложено е да се замрзнат, и да не се отуѓуваат предметните земјишта, како и имотот кој е неосновано стекнат од страна на осомничените“, рече Трајчева.
„Станува збор за склучување договори за оттуѓување земјиште во сопственост на РСМ, во кои договори се предвидени договорни обврски во однос на исполнување на обврските од страна на изведувачот, но тие обврски понатаму не се испочитувани. Било предвидено реален товар да се воспостави, односно да се обезбеди државата, како што се прави впрочем и во секој договор, а таквото нешто е прикриено. Реалните товари не се солемнизирани, односно не се прикажани во актите за солемнизација, со што, всушност е нанесена штета и не е предвидено раскинување на договорите и земјиштето не е вратено во сопственост на државата“, појасни Трајчева за истрагата на Обвинителството.
Во истрагата, покрај министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, опфатени се државната правобранителка Емилија Радојкова, Димитар Димовски, државниот советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски до Стојаноски: Јавниот сектор треба да има поголеми плати

„Зголемување на платите во јавниот сектор ќе има и воведување на методологија за пораст на платите која што ќе зависи, како од порастот на трошоците за живот, од зголемување на просечната плата, така и од зголемувањето на перформансите на работниците“. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Ковачевски истакна дека продолжува социјалниот дијалог со ССМ.
,,Во јавниот сектор има вклучително и нас овде сите, 132 илјади работници и тие работници својата плата ја примаат од работниците во приватниот сектор. Работниците во приватниот сектор кога работат тогаш тие ја заработуваат својата плата, плаќаат персонален данок од својата заработка што ја заработиле, плаќаат пензиско и инвалидско осигурување, плаќаат социјално осигурување и ги плаќаат останатите давачки кон државата. Ние што работиме овде ништо од тоа не плаќаме, тоа ни го плаќаат даночните обврзници, даночни обврзници се тие кои што го полнат Буџетот од сумата која што ја остваруваат како приходи, дополнително и даноците кои што компаниите ги плаќаат како Данок на добивка, која што добивка пак ја остваруваат работниците во тие компании” – рече Ковачевски.
Тој истакна дека социјален дијалог со ССМ се однесува на вработените точно во јавниот сектор.
„Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на 3 теми, првата тема е зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, вклучително и на сите овде пратеници, министри, претседател на Влада, институции и т.н, во која што методологија нема да биде земено само зголемија палтата, која што ќе ја платат вработените во приватниот сектор, туку треба да биде земено во предвид и зголемувањето на продуктивноста на трудот и давање на повисоки услуги на тие кои што ги обезбедуваат тие финансиски средства. Што значи дека таму разговараме за воведување на методологија која што ќе треба да обезбеди зголемување на платите, исто како што донесовме методологија за зголемување на минималната плата од година во година”, рече премиерот.
Македонија
Претседателот Пендаровски учествува на партнерската сесија на Северноатлантскиот совет

Претседателот Пендаровски во рамки на Самитот на НАТО во Мадрид, учествуваше и се обрати на втората сесија на состанокот на Северноатлантскиот Совет на ниво на шефови на држави и влади, посветена на партнерствата на НАТО со држави и организации на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски го поздрави присуството на претседателите на Финска и Јужна Кореа, како и премиерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Шведска, како и претседателите на Европскиот Совет и на Европската Комисија, додавајќи дека во овие времиња на криза, важно е да се покаже дека единството во рамки на НАТО и соработката со партнерите на глобално ниво е најголемиот адут за гарантирање на меѓународниот мир. Во таа насока, тој додаде дека покрај поддршката која ѝ се дава на Украина, важно е да се зајакнува партнерството и да се дава поддршка и на другите земји-партнери кои би можеле да се соочат со предизвици, како што се Босна и Херцеговина, Молдавија и Грузија.
Претседателот ja поздрави денешната одлука за формална покана на Финска и Шведска да се приклучат кон Алијансата, одлука што тие ја донесоа како суверени држави. Тој посочи дека политиката на отворени врати на НАТО беше комплементарна со политиката на проширување на ЕУ, што имаше позитивни ефекти за милиони граѓани низ Европа. Во таа насока, претседателот дополни дека е потребно да се забрза процесот на пристапување кон Европската унија со што ќе се придонесе за консолидирање на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.
Македонија
Турскиот амбасадор во земјава на работна средба со градоначалникот на Битола

Амбасадорот на Република Турција – Хасан Мехмет Секизќок, денес ја посети општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата се разговараше за повеќе важни теми и области, низ кои континуирано се продлабочува соработката на Битола со градови од Турција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на економската соработка, која се потврдува и со сериозната заинтересираност на турска компанија за инвестиција во Битола, која се очекува наскоро да биде реализирана. Градоначалникот информираше за отвореноста на локалната самоуправа и поддршката која ја овозможува општината во рамките на својата надлежност и за развој на други бизнис идеи кои ќе придонесат за економско јакнење на Битола.
На средбата, се разговараше и за историската поврзаност на двете држави, како и посебното значење на Битола и нејзината привлечност за голем број турски туристи, кои се чести гости во градот. Во овој контекст, беа разгледани и новите можности кои треба да се создадат за понатамошен напредок на туризмот и збогатување на туристичката понуда.
Исто така, се разговараше и за соработката во областа на образованието и културата, а после средбата во кабинетот, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Секизќок, прошетаа низ Старата битолска чаршија и посетија дел од значајните културно – историски обележја на Битола, меѓу кои и Хаџи Махмуд Беј џамијата, која што покрај своето верско значење, некогаш важела и за важен просветителски, образовен дом и институција.