Македонија
Обвинителот Бубевски поднесе кривична против адвокатот на Ејуп Аљими за загрозување на сигурноста
Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, денеска до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против адвокатот на обвинетиот Ејуп Аљими во предметот „Титаник 3“, Мефаиљ Арслани.
Во пријавата е наведено дека на 10 ноември на паркингот пред трговскиот центар „Мавровка“, пријавениот адвокат Мефаиљ Арслани му се заканил на обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски.
Во кривичната пријава пишува дека додека сведокот А.И. го управувала возилото во кое се наоѓала обвинителката Фатиме Фетаи обидувајќи се да пронајде паркинг-место, го здогледале Мефаиљ Арслани.
Сведокот го отворил прозорецот за да го поздрават и му рекле „Добар ден, Мефо, што правиш, како си“, при што адвокатот Арслани со висок и агресивен тон одговорил: „A бе, еве, не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша (покажувајќи со рака кон Фатиме Фетаи), а на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му е*еме“.
Пријавениот со тоа ја загрозил сигурноста на обвинителот Гаврил Бубевски. Кон кривичната пријава се приложени и изјави на сведоци, како и искази на сведоци дадени во СЈО, од кои може да се констатира дека тие стравуваат за својот живот за што своевремено СЈО бараше притвор.
Во пријавата пишува: „Очигледно е дека мотивацијата за овие закани искажани од пријавениот Мефаиљ со таа количина на омраза кон оштетениот Гаврил Бубевски и сериозност на кажаното произлегува токму од фактот што против Ејуп Аљими се води кривична постапка по потврден обвинителен акт од страна на судот по споменатото обвинение. Во тој предмет еден од обвинителите е оштетениот Гаврил Бубевски и основано се очекува задоволување на правдата за стореното од страна на Ејуп Аљими, иако, според неговото поведение, тој се однесува како недопирлив за правдата. Впрочем, од досегашното однесување на правосудниот систем не му е без основа таквото однесување и затоа е целокупната омраза кон ‘нашата’, на која ѝ простиле поради таа припадност, и на ‘каурот’, на кого треба да му плаче фамилијата. Од зборот ‘каур’, а во контекст на сето ова, јасно се влече заклучокот спрема кого се насочени заканите и поголема аргументација се чини е непотребна“.
Во пријавата се додава: „Впрочем, и насилниот начин на одземањето на записниците од изборите и гласањето од сведокот Р.Б., кое го опишувааат сведоците дека е извршено од обвинетиот Ејуп Аљими во наведениот предмет, доволно говори за неговата личност, и сведокот Р.Б. во својот исказ наведува дека е исплашена да сведочи пред обвинетите бидејќи е исплашена и за својата безбедност и за безбедноста на својот татко. Тоа го потврдува и сведокот Ќ.Т. и пред јавниот обвинител и на записник за главна расправа од 14.12.2018 година. Од ова очигледно е дека луѓето што го познаваат Ејуп Аљими се плашат од него, што укажува на исполнување на сето неправо што го бара кривичното дело загрозување на сигурноста“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.