Македонија
Обвинителството да отвори истрага за сите злоупотреби со онколошката терапија, повика ВМРО-ДПМНЕ
Мафијата на смртта која печали милиони на здравјето на граѓаните здравствениот систем го донесе пред колапс. Една иста мафија на смртта тргува со животите на најтешко болните пациенти, лица заболени од рак и од тоа прави бизнис и дебело профитира. А, од друга страна истите веледрогерии кои ги набават лековите, континуирано добивале и добиваат заштита од политички структури блиски до СДС и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение се наведува дека проблемот со недостаток на терапија за тешко болните пациенти од рак на Клиниката за онкологија не нешто ново и нешто што се случува само сега. Првите два до три месеци од годината во секоја година до сега има недостаток на онколошка терапија, а секоја година една иста веледрогерија набавува лекови по енормно високи цени.
„Бидејќи секогаш има политичка заштита од структури во СДС и ДУИ, истата таа веледогерија, злоупотребувајќи ја болеста на луѓето со цел голем профит и знаејќи дека луѓето и последните пари ќе ги дадат за лек, вештачки креира криза со лекови.
Мафијата на смртта, на чие чело е една иста веледрогерија и помогната и заштитена од политички структури блиски до СДС и ДУИ, за која човечкиот живот не вреди ништо, 30 години ровари во Онкологија и е виновна за смртта на голем број починати пациенти кои навреме не го добиле соодветниот лек.
Го поставуваме прашањето, дали е точно дека веледрогеријата Пановски, блиска до СДС, го уценува со цени македонското здравство? А оваа е истата веледрогерија од каде што Ирина Пановска како директор на една од клиниките при клиничкиот центар во Скопје во време кога министер за здравство беше нивниот близок, Венко Филипче, набавуваше лекови од веледрогеријава каде што татко и, исто така, бил директор.
Поставуваме уште едно логично прашање, дали е вистина дека оваа вештачки создадена криза е токму поради тоа што треба да се купат скапи лекови токму од Пановски, за кој постојат сомнежи дека се манипулира со цените на лекови?
Оттука, бараме и ги повикуваме надлежните институции да покренат сеопфатна истрага за сите злоупотреби кои прават на Клиниката за онкологија со терапиите за болните од рак. Исто така, да се посочат сите одговорни без разлика дали се лидери на партии или поранешни министри, медицински лица или лица дел од фирмите и веледрогериите кои снабдуваат со вакви лекови и се богатат врз здравјето на најтешко болните пациенти.
Исто така треба да се утврди и вистината за тесната поврзаност и политичка и бизнис спрега на Венко Филипче со моќните веледрогерии.
ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство да се охрабри и да ги стави на располагање сите свои капацитети за спроведување сеопфатна истрага со цел расчистување и изведување пред лицето на правдата на големите бизнис олигарси кои раководат со мафијата на смртта, која профитира милиони од болеста на луѓето“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
