Македонија
Обвинителството испитува кој ги објавува аудиоснимките поврзани со „Рекет“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција оформи предмет и веќе проверува кое е лицето што ги објавува снимките поврзани со „Рекет“. Оттаму велат дека преку постапка ќе се утврдува дали во содржината на разговорите има елементи на кривично дело.
„Во моментот се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавува снимките. Со постапката треба да се утврди дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, кој снимал, како и идентитетот на лицата што разговараат“, велат од Обвинителството.
Засега никој не е повикан да даде исказ во Обвинителството, велат дека е прерано за тоа.
„Кога ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, Обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува“, додаваат оттаму.
Досега до Обвинителството нема пристигнато пријава која се однесува на снимените разговори. Тие велат дека нема да ја коментираат содржината на разговорите, туку работата ќе ја темелат врз докази.
„Обвинителството како и во изминатиот период нема да коментира изјави, туку својата работа ќе продолжи да ја темели врз докази. Во насока на тоа, Обвинителството веднаш, како и во случајот на објавените документи од предметот ‘Рекет’, отвори постапка во насока на расветлување на случајот“, известија од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Стотици пакети со топла облека и ќебиња се собраа во Скопје, се донира и телефонски, пунктовите остануваат отворени

Стотици пакети со неопходни намирници се донесени на двата пункта во Скопје каде граѓаните донираат за граѓаните на Турција погодени од земјотресот. Истовремено, и натаму се донира на двата телефонски броеви кои се отворени за собирање на средства, со цел, помош на семејствата на настраданите лица, како и на оние кои останаа без кров над глава. Пунктови за помош се отвораат и во помалите градови, а денеска се отвора еден во Битола кој ќе функционира од 9 до 15 часот.
На плоштадот во Скопје, хумани граѓани донесоа ќебиња, прекривки, јакни, шатори. Се носат и конзервирана храна, средства за хигиена, алишта. Пунктот работи 24 часа. Голем број донации се оставаат и во Чаршија, каде исто така има засебен пункт. Лицата кои стојат на пунктовите посочуваат дека донации пристигнуваат постојано, од различни возрасни групи. Преку транспортни компании, сите, по сотритрање, ќе бидат доставени до најпогодените семејства во Турција.
Црвениот крст на Северна Македонија отвори и сметки и телефонски броеви на кои сите заинтересирани фирми и граѓани може да донираат парична помош за настраданото население погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија: – Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија; – донација од 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.
– За донации на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228
Турција и Сирија пред два дена (понеделник) ги погоди катастрофален земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во реонот на турскиот град Газиантеп.
Македонија
СДСМ: 100 милиони евра поддршка од ЕУ, преговорите носат придобивки

Почетокот на преговорите со Европската унија на државата и на граѓаните им носи конкретни придобивки. Европската комисија даде предлог за макрофинансиска поддршка за економијата на Македонија до 100 милиони евра за следните две години помош, соопшти СДСМ.
„ Спроведувањето на поддршката ќе се уреди со Меморандум за разбирање со ЕУ, кој се очекува да се фокусира на реформите во фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција.
ЕУ пред само неколку дена додели грант од 53 милиони евра за три стратешки енергетски проекти, а во јули минатата година Брисел одобри 225 милиони евра за четири инвестициски проекти во државата. За справување со економската и енергетската криза ЕУ лани обезбеди 80 милиони евра за Македонија“ велат од владејачката партија.
Оттаму додаваат дека со ова уште еднаш се докажува кој стои до нашата држава во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза.
Евроинтеграцијата носи развој и напредок на државата, европски вредности и сигурна иднина за подобар живот на граѓаните, посочуваат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неспособните Ковачевски и Спасовски пет месеци не можат да ги откријат дојавувачите за бомби

Ситуацијата со лажните дојави за бомби е алармантна, а МВР веќе пет месеци не може да ги открие сторителите. Нови 33 дојави за лажни бомби во училиштата низ Македонија покажуваат дека безбедносниот систем е целосно девастиран. МВР и Спасовски ништо не работат, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ Пет месеци по ред Македонија е мета на лажни дојави, а Оливер Спасовски не само што не може да најде кој ги испраќа, туку не понел ниту одговорност. Згора на тоа месеци наназад голем број на јавни објекти, скопскиот аеродром, Железничка станица, трговски објекти, државни институции се под закана за бомби.
Владата, Ковачевски и Спасовски се неспособни да обезбедат ниту мир, ниту пак да гарантираат за безбедност на граѓаните и државата. Цела ситуација предизвикува страв и паника не само кај учениците и нивните родители, туку и кај сите граѓани. Наместо во училишни клупи, учениците на минусни температури се надвор додека МВР ги проверува училиштата.
Нема учебници, но затоа има лажни дојави за бомби. Се губи настава, а министерот за образование Јетон Шаќири наместо да кажува дека изгубените часови ќе се надоместат, да побара од својот колега Спасовски да открие кој стои позади овие лажни дојави за бомби“ велат од партијата.
Оттаму ја критикуваат Владата дека не може да обезбеди еден ден сигурност, но затоа, како што наведуваат, обезбедува милионски суми и криминал од сомнителни тендери и бизнис зделки. Ако не знаат како да управуваат со институциите и државата, тогаш ајде на предвремени парламентарни избори, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.