Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

