Македонија
Одбраната на Јанева ќе бара правда и пред меѓународни судови

Двајцата адвокати на Катица Јанева се разочарани од пресудата и казните кои судечкиот совет ги изрече во случајот „Рекет“. Тие по рочиштето кажаа дека правда за случајот ќе бараат и пред меѓународните судови, а очекуваат повисоките судови во Македонија да имаат поголем сенс за правда и правичност. Адвокатот Дељо Кадиев по рочиштето рече дека заедно со Фрчковска остануваат на ставот дека нема докази за вината на Јанева.
„Ние сме разочарани како одбрана на Катица Јанева од пресудата и казните што ги слушнавме. Прво сметаме дека казната за Јанева е апсолутно превисока. Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството. Ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството, напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое е осудена не постојат. Целата јавност беше сведок дека Обвинителството не достави никакви докази за Јанева. Ќе се жалиме, ќе поднесеме жалба, се надеваме дека повисоките судови ќе имаат поголем сенс за правда и правичност, носење одлуки кои се базираат на докази, ќе се бориме до крај како одбрана на Јанева, пред домашните, но и меѓународните судови“, рече Фрчковска.
И адвокатот Кадиев најави жалба за пресудата изречена за Катица Јанева.
„Драго ми е што јавноста беше присутна во овој предмет преку вас, новинарите. Пресудата судот ја носи во име на граѓаните на Македонија и тоа е со закон дадено право. Меѓутоа, граѓаните на Македонија преку вас, новинарите, и преку тоа што вие го пренесувавте, стекнаа убедување и ние имавме можност и надвор од оваа судница да видиме какво е чувството на граѓаните и како размислуваат. Лично и понатаму опстојуваме на тоа дека не постоеше ниту еден доказ за вината на Јанева. Ќе поднесеме жалба. Не можам ни да претпоставам кое ќе биде образложението на судот со кое го прифати во целост, фактичкиот опис на кривичното дело опишано во диспозитивот на обвинението“, кажа Кадиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов ги пречека Заев и Ципрас

Вечерва градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во својот кабинет ги пречека поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
„Двајца поранешни лидери кои ги кренаа рампите меѓу Македонија и Грција и трасираа пат на пријателство, разбирање, меѓусебна почит, ги зближија двата народи и ја зајакнаа севкупната соработка меѓу двете држави“ соопшти општината.
Во кабинетот, во кој цели три мандати помина поранешниот премиер Зоран Заев, градоначалникот разговараше со своите гости за функционирањето на Општината, нејзиниот развој, новите предизвици и состојби во државата и регионот.
„Прекрасно е чувството кога разговараш со храбри и одлучни политичари и кога си на иста линија со нив, бидејќи само така можеш да обезбедиш сигурна иднина за граѓаните, општината и државата, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Македонија
Топло време со свежи утра до среда, од четврток дожд

Времето утре наутро ќе биде свежо, преку денот сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време со свежи утра. Во четврток и петок во попладневните часови ќе има локално зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд.
Македонија
Контејнери за електричен и електронски отпад поставени на 12 локации во Кисела Вода

Жителите на општина Кисела Вода од денес, на 12 различни локации, имаат на располагање специјализирани контејнери наменети за електричен, електронски отпад и отпадни батерии. Општината во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ од Скопје започнува со собирање и селектирање на електричен и електронски отпад, како и на отпадни батерии.
На самиот контејнер има инструкции за користење, како и список на дозволени видови на отпад, кои може да се одлагаат во него: батерии, мобилни телефони, мали куќни апарати како миксери, тостери, фенови, мали монитори, статични и преносни компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници и други слични уреди. Важно е да напоменеме дека контејнерите не се наменети за комунален отпад, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон заштитата и одржливоста на животната средина, помагајќи во намалувањето на опасниот отпад на улиците и сузбивањето на создавање на диви депонии околу контејнерите. Исто така, селектирањето и правилното одлагање на отпадот, придонесува за зголемување на јавната свест меѓу граѓаните.
Општина Кисела Вода апелира до сите свои жители за одговорно и свесно однесување и правило користење на поставените контејнери. Само заеднички можеме да допринесеме кон подобрување на состојбата на животната средина и остварување на одржливи практики кои ќе имаат долготрајни позитивни ефекти.