Македонија
Одвоени средби на Муцунски со Ал Тани и Буршаков: нагласена потребата од продлабочување на економските и трговските односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на одвоени средби ги прими вршителот на должност во катарската амбасада во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, и амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков.
На средбата со вршителот на должност во амбасадата на Катар во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, беа потврдени традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, при што беше нагласена заедничката заложба за динамизирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво. Во делот на билатералната соработка, соговорниците ја истакнаа потребата од продлабочување на економските и трговските односи, како и од зголемување на обемот на катарски гринфилд и браунфилд директни инвестиции во нашата земја.
На средбата со амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков, соговорниците констатираа дека билатералните односи помеѓу двете земји се добри, при што ја нагласија потребата од нивно понатамошно продлабочување, особено во економската сфера, како и зајакнување на севкупната билатерална соработка во иднина. Беше изразено и заедничко задоволство од досегашната одлична соработка на мултилатерален план и меѓусебната поддршка на кандидатури во рамки на меѓународните организации. Министерот Муцунски и амбасадорот Буршаков разменија мислења и за други актуелни прашања од заемен интерес, изразувајќи уверување дека добрата соработка меѓу двете земји ќе продолжи со засилен интензитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.