Македонија
Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван
Првин ќе се слушне мислењето на експертите, а потоа ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд денеска со пет гласа „за“ и еден „против“ одлучи првин да одржи подготвителна седница, на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат законот и оние што го поддржуваат, но, пред сè, експертите.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пред новинарите изјави дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
„Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава, ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи“, рече Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот.
Тој целосно ги отфрла изјавите дека гласањето е етничко коментирајќи дека сите сме еднакви пред Уставот и законот, а тие се судии и одлуките треба да ги носат без оглед на националноста, социјалната положба, верата.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестира пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Скопје
Без вода дел од Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.