Македонија
Одложено судењето за уривањето на „Космос” на Фијат Цаноски
Судењето за случајот ТНТ, за уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, денеска беше одложено поради отсуство на една од обвинетите.
Адвокатката Кристина Маневска рече дека ѝ се јавил сопругот на нејзината клиентка, обвинетата Александра Димитриевска-Аврамовска, дека викендов ѝ се влошила здравствената состојба и дека обилно крвави и поради тоа е задржана во приватна болница.
„Непосредно пред рочиштето ми се јави сопругот и рече дека обилно крвави“, рече адвокатката пред судот.
Судијата Огнен Ставрев рече дека обвинетата била уредно поканета на рочиштето и побара да биде доставена медицинска документација. Поради отсуство на обвинетата, рочиштето беше одложено.
Претходно, адвокатот Димитар Дангов ѝ го откажа полномоштвото на обвинетата Елисавета Најдовска по што како нејзин бранител се јави адвокатот Мерџан Даути, кој побара целото судење со над 40 рочишта да биде преведено на албански јазик повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците.
Судот се обрати и до Адвокатката комора, која поведе дисциплинска постапка за Даути бидејќи со издавањето адвокатска лиценца тој прифатил дека го познава македонскиот јазик и евентуалното преведување подразбира одолжување на постапката.
Во случајот ТНТ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, Елисавета Најдовска и уште тројца други вработени во Општината.
Според обвинението, обвинетите со злоупотреба на службената положба и овластувањето, поради политичка одмазда, му урнале дел од објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, кој најави дека ќе бара отштета во висина од 40 милиони евра.
Предметот е во завршна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка и во Маврови Анови
Утрово најстудено било на Попова Шапка и Маврови Анови каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крушево, -4 во Крива Паланка, -3 во Берово, Дебар и Виница, -2 во Тетово, Битола, Прилеп, -1 во Охрид, Претор, Штип, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, 0 во Скопје-Петровец, Струмица, Велес, Демир Капија, 2 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во 7 часот била 57 сантиметри на Попова Шапка, 50 Маврови Анови, 33 Крушево, 25 Битола, 24 Тетово, 17 Берово, Штип, 16 Прилеп, 14 Демир Капија, 10 Претор, 9 Скопје – Петровец, 5 Охрид, 4 Струмица, Крива Паланка.
Времето денеска
Претпладне со појава на магла по одделни котлини. Преку денот променливо облачно, а облачноста попладне особено во источните делови ќе се намалува. Понекаде и особено во планинските региони може краткотрајно да провејува слаб снег. Максималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7 степени.
Во Скопје со појава на слаба магла, преку денот претежно облачно и тивко.
Максималната температура ќе достигне до 4 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот. Снег со слаб интензитет провејува на планинскиот премин Ѓавато, кој не се задржува на коловозот.
Намалена видливост поради појава на магла со видливост од 50 до 70 метри има на Плетвар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Студено време, преку денот облачно со услови за слаб снег
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини. Преку денот ќе биде променливо облачно наместа со услови за провејување на слаб снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од -1 до 7 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје наутро студено со појава на слаба магла, преку денот претежно облачно и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Од петок ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени. По котлините ќе има појава на магла и пониски дневни температури.