Македонија
Од денес пријавување за субвенциониран студентски оброк за студентите што досега не го оствариле ова право

Министерството за образование и наука информира дека од денес до 31 јануари повторно е достапна можноста за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Ова се однесува на студенти што ги исполнуваат условите во согласност со Законот за субвенционираниот студентски оброк, но не успеале да се пријават и/или да го остварат ова право досега. Можноста е достапна секој месец, и тоа од 20 до 30, односно 31 во месецот.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и со прикачување пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Северна Македонија и не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.
Досега правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27 илјади студенти, на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски апелира на деескалација во Косово и уверува дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна

Премиерот Димитар Ковачевски се огласи со коментар по денешните престрелки на северот на Косово апелирајќи на деескалација и осудувајќи ги настаните.
Ковачевски нагласи дека со голема загриженост се следи состојбата во Косово и се во постојана координација со сојузниците. Премиерот изрази целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои, како што вели, се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот.
Во однос на безбедносната состојба во Македонија, Ковачевски уверува дека граѓаните може да се спокојни – таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања.
„Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Премиерот повика на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени прашања на мирен и демократски начин. Клучно е, вели тој, забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, како единствен начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни.
Македонија
МНР: Седум македонски државјани меѓу кои и дете се во близина на манастирот во Косово

Министерството за надворешни работи објави дека во раните утрински часови, преку дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи, добиена е информација за седум македонски државјани од кои едното од нив дете, кои се сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот каде е извршен вооружен напад врз косовските полициски сили.
Од МНР велат дека македонската амбасада во Приштина е во комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи на Косово како и во директна комуникација со нашите граѓани.
Во текот на денот, во неколку наврати Министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварил директна комуникација со министерката Грвала-Шварц, и во моментов косовската полиција го обезбедува хотелот каде се сместени нашите државјани, од каде се очекува после оствареното интервју тие да бидат испратени дома.
Претставниците на Амбасадата остануваат во постојана и директна комуникација со нашите државјани и косовската полиција, сѐ до целосно завршување на нивниот трансфер, велат од МНР.
Македонија
Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

Додека се случуваат сите овие проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари. И сега познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт. Да бидам искрен не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, но барем Ковачевски да преземе мерки и да реагира на ваквиот отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи од Велес.
Мицкоски ги повика Македонците да бидат дел од пописот во Албанија.
„Од овде, од срцето на Македонија јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот“, кажа Мицкоски.
Според него она што се случува во политиката тука во Македонија, се уставните измени.
„Позади измените на Кривичниот законик, амнестијата која сами си ја гласаа, и оние јавни превирања и препукувања со сеништата од минатото, се основата на валканиот план на Владата, валканиот план на власта се само уставни измени. Бидејќи ја знаат непопустливоста на пратениците, ја знаат и одлучноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и народот против прифаќање на бугарски диктати, тие пробуваат да создадат непринципиелни коалиции кои би можеле да доведат до уставни измени. Иако шансите реално тие да се случат не се ни ниту теоретски“, заклучи Мицкоски.