Македонија
Од мај стартува електронскиот упис на првачиња

Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачиња.
Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.
Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје, Ричард Малион, извршната директорка на ЦУП Неда Малеска -Сачмароска и со Стефан Богоев градоначалникот на општина Карпош при посетата на ОУ „Вера Циривири Трена“.
„Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени (ЦУП) и британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и проценка и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик“, рече Царовска.
Од ресорното министерство нагласуваат дека услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот, каде се води евиденција за сите училишта во државата.
За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.
Царовска воедно најави дека во следниот период ќе се дигитализираат и низа други услуги поврзани со основното и средното образование, но и во делот на науката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ трчаше на маратонот со маица „Трчај брзо! Како закон со ЕУ знаменце по скратена постапка“

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска на денешниот Виз Ер Скопски маратон се појави со посебна маица, која ја објави и на социјалните мрежи.
На маицата беше напишано „Трчај брзо! Како закон со ЕУ знаменце по скратена постапка“.
Македонија
Отворена изложбата „Лица на револуцијата“ на необјавени портрети од македонски револуционери

Патувачка изложба на необјавени фотографии од македонски револуционери на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски беше отворена вчера во МАНУ. Изложбата се организира во година кога македонската држава и народ одбележуваат 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Насловена „Лица на револуцијата“, изложбата содржи досега необјавени портрети од македонски револуционери и предвидено е истата да патува низ 5 македонски градови и официјално да биде затворена на 23 октомври во Битола на Денот на македонската револуционерна борба.
Изложени се фотографии од приватни колекции на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски на македонските револуционерни икони Јане Сандански, Ѓорче Петров, Христо Батанџиев, Димо Хаџи Димов, Христо Чернопеев и други значајни ликови, изложбата содржи и фотографии кои го документираат учеството на македонските револуционери во Балканските војни, Првата светска војна, како и меѓувоениот период.
Жалосно е што македонските институции не се грижат за македонското наследство и ваквите работи се сведуваат на ентузијазмот на малкумина граѓани.
Изложбата беше поддржана од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Над 11 илјади натпреварувачи од 53 држави денеска го трчаат скопскиот маратон

Со повеќе од 11.000 натпреварувачи од 53 држави, денеска се одржува 9. издание на Виз Ер Скопски маратон.
Покрај маратонската трка (42,195 км), ќе се одржат и полумаратон (21,097 км), штафетен маратон (двајца по 10, двајца по 11 км) и трка на 5 км.
Поради маратонот, до 15 часот низ скопските улици ќе има посебен режим на сообраќај. Организаторите на Виз Ер Скопски маратон упатуваат апел до сите граѓани да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај.
Затворени за сообраќај ќе бидат следните улици: ул. Димитрие Чуповски, дел од булеварот Климент Охридски, улицата Свети Кирил и Методиј, улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, улицата Васил Чакаларов, улицата 11ти Октомври, дел од булеварот Крушевска Република, улицата Есенинова, Трета Македонска Бригада, булевар Србија (десната коловозна лента од семафорите со раскрсницата булевар Јане Сандански до семафорите кај Крстот), дел од булеварот Јане Сандански (едната коловозна лента од семафорите кај Мајчин Дом до семафорите со булевар Србија).
Одржувањето на Виз Ер Скопски маратон 2023, покрај генералниот спонзор Виз Ер, го помогнаа покровителите Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт, Канцеларијата на Европската Унија, Македонски олимписки комитет и други спонзори.