Македонија
Од понеделник ново депо на пајак-службата на ПОЦ

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје ги известува граѓаните дека од 17 март ќе биде отворено новото депо на пајак-службата на претпријатието, на новата локација до улица и мост Беласица под Железничката станица.
Новото депо ќе биде посветено на поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.
„Во новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на истата се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење“, изјави Душко Коцевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Веќе од 17 март (понеделник), сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поддршка од министерот за правда за Пандов чијашто куќа беше запалена: „Случајот бара одлучна акција“

Министерот за правда Игор Филков најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого казнат можните сторители.
„Најостро го осудувам палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Овој случај како и неколкуте други случаи поврзани со лицата вработени во УИС и затворите, бараат одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат можните сторители“, вели Филков.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, претходно, на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот. Нема да не запрат и нема да не поколебаат, напиша тој.
Македонија
Кирков: Вработените во ЗОО последно земале февруарска плата

До Стефан Кирков, којшто е член на Советот на Град Скопје, пристигнала молба од вработените во скопската Зоолошка градина и барање за реакција и помош. Го известиле дека последна плата која ја земале е фебруарската плата и одтогаш немаат никакво примање.
„Веќе сме мај, а овие вработени се оставени без примања и навистина сум запрепастен до каде ќе се оди со непрофесионалноста во ова раководство на Градот и кадрите кој ги поставува?! Вработените од утре ќе бидат и без здравствено осигурување !!! Поминаа празници како 8ми Март, Рамазан Бајрам , Велигден на праг е и 1ви Мај а вработените се оставени и заборавени замислете да им се исплати плата !!! Цели фамилии страдаат од нечија непрофесионалност!“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој ги проѕва Град Скопје , Данела Арсовска и Зоран Попов сигнализирајќи и дека состојбата може да доведе до протести.
Македонија
Реконструкција на водоводна мрежа и проширување на мостот на Маркова Река, најави Општина Аеродром

Општина Аеродром најави дека во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.
Тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се почне со реализација на терен.
„Водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче за првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1 300 метри. Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром“, соопштија од Општината.
Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче.
„Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот“, се наведува во соопштението.
Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот,додаваат од таму, се два капитални инфраструктурни прокета од витално значење, особено за жителите на Долно и на Горно Лисиче, и се финансиски поддржани од Владата.
Вкупната вредност на реконструкцијата на водоводната мрежа изнесува 15.457.871 денар, додека вкупната вредност на проширувањето на мостот е во висина од 12.066.494 денари.