Македонија
Од утре ќе нема веќе квоти за лекови на рецепт во аптеките
Од утре осигурениците ќе подигнуваат лекови на рецепт секој ден во месецот, во секоја аптека што има договор со Фондот. Oд оваа мерка бенефит ќе имаат сите, и осигурениците и здравствените работници, бидејќи повеќе нема да има потреба од создавање редици во аптеките, а граѓаните ќе немаат потреба да создаваат резерви од лекови во своите домови затоа што аптеките од 1 октомври 2019 година повеќе ќе немаат квоти за лекови на рецепт, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Осигурениците лекот ќе може да го добијат во која било аптека и во кое било време, без разлика дали е почеток или крај на месецот. Исто така, нема да има потреба да се создава метеж кај матичните лекари за препишување рецепти во првите денови од месецот. Односно, осигурениците ќе може да се упатат кај својот матичен лекар тогаш кога ќе имаат потреба да им биде препишан одреден лек.
Осигурените лица може да подигнуваат лекови на товар на Фондот во аптека само со уреден и важечки рецепт за препишан лек на товар на Фондот и документ за лична идентификација (лична карта или пасош) на увид.
За лицата што од било која причина се спречени, како и за малолетните деца, лековите во аптека може да ги подигнува друго лице, кое ќе приложи документ за лична идентификација.
Доколку во некоја аптека се случи да го нема препишаниот лек, во таков случај осигурените лица тоа може да го пријават во Фондот за здравствено осигурување и во Агенција за лекови и медицински средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити на министерскиот совет на енергетската заедница во Австрија: во фокусот управување со водите, надградба на патоказот за декарбонизацијата
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денес отпатува на работна посета на Виена, Австрија, каде ќе учествува и ќе има обраќање на 22-от Министерски совет на Енергетската заедница, што ќе се одржи на 12 декември.
На овој годишен состанок, каде Меџити присуствува заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се дебатира околу теми поврзани со идното воведување на дополнителни законодавни обврски од областите нa управувањето со водите, живеалишта и дивите птици (измените од 2009 на ЕУ директивата), како и околу надградбата на патоказот за декарбонизацијата.
Енергетската заедница е меѓународна организација која ја олеснува енергетската соработка на ЕУ и деветте договорни страни: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, а има и три постојани набљудувачи: Ерменија, Норвешка и Турција. Нејзина главна цел е да ги приближи договорните страни на ЕУ преку олеснување на реформите и постепено проширување на правото на ЕУ за енергија, животна средина и клима.
Македонија
Oбвинителството оформи предмет за Груби и судијата Беџети кои се на „црната листа“ на САД
Обвинителството оформи предмет со којшто се опфатени поранешниот прв вицепремиер Артан Губи и судијата Енвер Беџети кои беа ставени на „црната листа” на САД поради корупција.
Од Обвинителството на брифинг со новинарите кажаа дека предметот е доставен до надлежно обвинителство за прибирање докази. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија.
Груби, и Беџети беа ставени на „црната листа“ поради примање поткуп во врска со предметите што се воделе против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, a американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер вчера рече дека Вашингтон ја разгледува можноста и за дополнителни санкции.
Агелер на прес-конференцијата прашана од новинарите дали ќе ги обезбедат доказите пред македонските власти рече дека САД не може да ги споделат поради прашања поврзани со приватноста, меѓутоа нема ни потреба со оглед на тоа што доказите се достапни.
„Интересно е што се соочуваме со критики во стилот: ‘Зошто го правите ова кога никој не е гонет и нема акција во земјата’. Но, ние не го спроведуваме законот во оваа држава“, рече Агелер додавајќи дека по нивната одлука, понатаму домашните власти може да преземат.
„Кога ние можевме да ги собереме доказите, можат и тие“, рече амбасадорката.
Претходно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го повика Обвинителството да постапи.
„Во меѓународното право и во меѓусебните односи постојат начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука бидејќи во спротивно ние не рагираме кога мора да реагираме и со тоа го толелираме беззаконието. Очекувам јавниот обвинител да почне да постапува“, изјави вчера Давкова.
Претседателката дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата.
По објавата на САД за црната листа, Груби изјави дека целиот свој јавен живот го посветил на одбраната на западните демократски вредности и секогаш посветено работел за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, поради што оваа одлука го засега директно и лично.
„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“ вели Груби.
Тој додаде дека танспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја негова акција.
Македонија
По четири децении постоење, подобрени условите за хемодијализа и реновиран објектот за пациентите во струшка нефрологија
После постоење од речиси четири децении, во ЈЗУ Нефрологија Струга извршени се поголеми градежни зафати, а инвестирано е и во подобрување на условите за третман на пациентите, благодарение на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ преку програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од грантовата шема“ кој го реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија, соопштија од Министерството за локална самоуправа.
Заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, заедно со директорот на установата, Јетмир Зиба и директорот на Центар за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба, денеска ја посетија установата со што и официјално се означи имплементацијата на проектот вреден 26 милиони денари.
Според соопштеното, во рамки на проектот, на главната зграда на установата поставени се фотонапонски панели, има соларен систем за загревање на вода, нов систем за греење/ладење, дизел агрегат, извршена е замена на столарија и подобрен е системот за осветлување во внатрешноста на објектот. Истовремено, како што е наведено во информацијата, поставен е и безжичен систем за болничка дојава во оддел за интензивна нега, воспоставен е централен систем за дистрибуција на кислород, извршена е надградба на интернет страната на установата со можност за електронско закажување на прегледи и дијализа. Инвестирано е и во објектот наменет за „холидеј дијализа“ кој сега е комплетно реновиран, има и нов систем за греење/ладење и вентилација, нов инвентар (медицински фотелји, опрема за сестринска соба и друг потребен специјализиран мебел).
„Установата сега ги поседува сите услови за навремен и комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања. Купен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, систем за реверзибилна осмоза, комплетно се реновираше одделот за ‘холидеј дијализа’ и тој сега може да се користи преку целата година, а капацитетот на дневниот третман се зголеми на 60 лица. Веќе почнавме да ги намалуваме и трошоците за електрична енергија, благодарение на реконструираниот кров и фасада и поставените соларни панели на покривот на објектот. Оваа капитална инвестиција е од исклучително значење и голем исчекор за подобрување на медицинските услуги кои ги нудиме“, изјави директорот на ЈЗУ Нефрологија, Зиба, кој информираше дека со проектот постигната е енергетска ефикасност на објектот, а како резултат на модернизацијата на веб страната на установата, сега постои можност за електронско закажување на прегледи и дијализа.
„Чест ми е што сум присутен на денешното официјализирање на проектот за подобрување на здравствените услуги во оваа установа, која е од исклучителна важност со оглед на тоа дека таа годишно пружа нега на над 14.000 пациенти од земјава, но и пошироко. Голема благодарност за поддршката на Владата на Швајцарија со чија помош ги решивме сите аномалии на установата, како од инфраструктурен аспект, така и од медицинска гледна точка. Сега, установата нуди услуги и третман по сите стандарди во интерес на нејзините пациенти, нашите граѓани, но и оние од регионот, а создадени се и услови за развој на здравствен туризам што е од значење не само за Струга, туку и целиот југозападен регион“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Повеќекратните придобивки од инвестицијата во установата ги посочи и директорот на Центар за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба.
„ЈЗУ Нефрологија Струга е единствена болница во југозападниот плански регион кој ја третира областа на бубрежни заболувања, па оттаму, имплементацијата на проектот со кој се подобрија условите за нега на пациентите, како и за условите за работа на медицинскиот персонал се од исклучителна важност. Овој проект, заедно со проектот за реконструкција на болницата за срцеви заболувања во Охрид, местоположбата на установите, природните убавини со кои се опкружени, во голема мера создаваат услови за развој на здравствениот туризам во регионот“, истакна Каба.
Вредноста на целиот проект изнесува 26.043.286 денари. Министерството обезбеди 11.324.000 денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9.200.000 денари, финансики удел има и установата со 4.200.000 денари, а останатите се средства од буџетот на Општина Струга, соопшти ресорното министерство.