Македонија
Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки, велат од Владата
Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки. Очигледно, советниците на Филипче не му ја завршиле домашната задача. Наместо да информираат, тие се обидуваат политички да го излизгаат со неточни податоци за економијата, велат од Владата откако на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека економската состојба во државата е алармантна.
Владата, додаваат од таму, нема намера да учествува во евтини политички препукувања.
„Нашата должност е да ги изнесеме фактите.
Буџетот е стабилен и ликвиден. Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено. Реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, при што најголема активност традиционално се бележи во последниот квартал од годината. Филипче, ова е правило кое секој што барем површно ја следи фискалната политика, го знае.
Водиме дисциплинирана фискална политика, буџетот за 2025 година е планиран внимателно и со јасна стратегија, со акцент на капитални инвестиции, економски раст и социјална стабилност. Дефицитот е под контрола, јавниот долг е стабилизиран, а задолжувањата се во рамките на законските лимити и насочени кон развој, а не кон популизам. Во време на СДСМ, буџетските дупки се полнеа со непродуктивни задолжувања и јавниот долг беше зголемен за над милијарда евра без видлив економски ефект. Денес, зборуваме за одговорна и фискално дисциплинирана политика која создава реални резултати.
Ова се конкретни факти, не конструкции. Проектираниот буџетски дефицит за 2025 година изнесува 41,4 милијарди денари, што е 3,3 милијарди денари пониско од 2024 година. Реализацијата досега изнесува 36,4 милијарди денари, што е во рамки на планот.
Јавниот долг заклучно со јули изнесува 58,7%, а се очекува до крајот на 2025 година да биде понизок од проектираниот 62,1%. Да го потсетиме ли Филипче дека од година за година го надминуваа овој критериум? Да го потсетиме ли Филипче дека во првите месеци од 2025 година, Министерството за финансии исплати еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година од претходната Влада?
Кога зборуваме за раст на инвестиции и економска активност, капиталните расходи заклучно со 14 октомври изнесуваат 20,8 милијарди денари, што е повеќе за 17,9% во споредба со истиот период лани“.
Како што е нагласено во информацијата од Владата, економијата расте, инфлацијата се стабилизира.
„Реалниот БДП порасна за 3,4% во второто тримесечје од 2025 година. Стапката на невработеност се намали на 11,5% што е историски најниско ниво. Инфлацијата е стабилизирана на 4% во септември, со тренд на намалување.
Ова се факти, не политички флоскули.
Додека Филипче се обидува да создава паника со манипулации и полуинформации, Владата останува фокусирана на стабилноста, растот и подобрување на животниот стандард на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.

