Македонија
Олаф Шолц во Софија: Северна Македонија мора да ги исполни сите услови

Силно го поддржувам започнувањето на преговорите со Република Северна Македонија и Албанија. Северна Македонија мора да ги исполни сите услови. Потребни се сите напори за да се постигне резултат. Ова го изјавил германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во официјална посета на Софија, каде одржа заедничка прес-конференција со премиерот Кирил Петков, јави известувачот на Бгнес.
Да гарантираме вклучување на Бугарите во уставот на Република Северна Македонија и да го почитуваме договорот. Мора да има европски гаранции дека тоа ќе се случи, изјавил премиерот Петков.
„Во последните месеци изградивме партнерства, Бугарија и Германија се стратешки партнери. Ова е нашиот најголем партнер во ЕУ и на денешната дискусија ја продолживме темата дека ова стратешко партнерство може само да се прошири, рекол на почетокот Петков и кажал дека тој и неговиот гостин разговарале за енергетската независност од испораките на руски гас.
Според тамошните медиуми тој изјавил дека заедно со Шолц разговарале и за проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Република Северна Македонија.
„Се разговараше и на темата РСМ. Се договоривме двете влади да продолжат да работат, а бугарската влада јасно го кажа ставот на Бугарија за условите кои мора да се исполнат за да напредуваме“, рекол Петков.
Олаф Шолц истакнал дека Германија разбира дека не е лесно да се надминат историските проблеми.
„Силно поддржете го постигнатиот договор за пристапување на РСМ и Албанија во ЕУ. Ќе ја продолжиме дискусијата и размената до крајот на француското претседателство. Заедно, Европејците се одговорни за стабилноста на Балканот“, изјавил канцеларот.
„Наша задача е да не ги разочараме надежите. Припадноста кон Европа мобилизира многу демократски сили“, додал Шолц.
Според Шолц, Северна Македонија, мора да има сигурна европска перспектива. „Северна Македонија мора да ги исполни сите услови“, дополнил тој и продолжил: „Северна Македонија и Бугарија се подготвени да тргнат по овој пат. Постои големо заедничко разбирање за тоа како работите треба да функционираат. Проблемот е како да стигнете таму. Важно е да разговараме за овие прашања и да вложиме енергија за да се справиме со овие прашања. Никогаш не се знае каков ќе биде исходот. Но, бидејќи сите парламенти и шефови на влади знаат дека се одговорни, мислам дека ќе направиме напредок. Вреди да се вложи труд“, изјавил Шолц, пренесува Бгнес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов ги пречека Заев и Ципрас

Вечерва градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во својот кабинет ги пречека поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
„Двајца поранешни лидери кои ги кренаа рампите меѓу Македонија и Грција и трасираа пат на пријателство, разбирање, меѓусебна почит, ги зближија двата народи и ја зајакнаа севкупната соработка меѓу двете држави“ соопшти општината.
Во кабинетот, во кој цели три мандати помина поранешниот премиер Зоран Заев, градоначалникот разговараше со своите гости за функционирањето на Општината, нејзиниот развој, новите предизвици и состојби во државата и регионот.
„Прекрасно е чувството кога разговараш со храбри и одлучни политичари и кога си на иста линија со нив, бидејќи само така можеш да обезбедиш сигурна иднина за граѓаните, општината и државата, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Македонија
Топло време со свежи утра до среда, од четврток дожд

Времето утре наутро ќе биде свежо, преку денот сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време со свежи утра. Во четврток и петок во попладневните часови ќе има локално зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд.
Македонија
Контејнери за електричен и електронски отпад поставени на 12 локации во Кисела Вода

Жителите на општина Кисела Вода од денес, на 12 различни локации, имаат на располагање специјализирани контејнери наменети за електричен, електронски отпад и отпадни батерии. Општината во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ од Скопје започнува со собирање и селектирање на електричен и електронски отпад, како и на отпадни батерии.
На самиот контејнер има инструкции за користење, како и список на дозволени видови на отпад, кои може да се одлагаат во него: батерии, мобилни телефони, мали куќни апарати како миксери, тостери, фенови, мали монитори, статични и преносни компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници и други слични уреди. Важно е да напоменеме дека контејнерите не се наменети за комунален отпад, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон заштитата и одржливоста на животната средина, помагајќи во намалувањето на опасниот отпад на улиците и сузбивањето на создавање на диви депонии околу контејнерите. Исто така, селектирањето и правилното одлагање на отпадот, придонесува за зголемување на јавната свест меѓу граѓаните.
Општина Кисела Вода апелира до сите свои жители за одговорно и свесно однесување и правило користење на поставените контејнери. Само заеднички можеме да допринесеме кон подобрување на состојбата на животната средина и остварување на одржливи практики кои ќе имаат долготрајни позитивни ефекти.