Македонија
Оперативниот план за вработување вреден 1,8 милијарда денари ќе опфати речиси 15.000 лица

Владата денеска го разгледа и прифати оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.
Со оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување, кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои им престанал работниот однос во текот на кризата предизвикана поради пандемијата на Ковид-19, односно од 11.3.2020 година.
Оперативниот план за вработување е предвидено да опфати 14.685 лица, а за програмите, мерките и услугите за вработување се предвидени повеќе од 1,8 милијарда денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ– ОА е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет

Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет, истакнува премиерот Димитар Ковачевски по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност“, вели Ковачевски.
„Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви. Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“, изјави премиерот Ковачевски.
Македонија
Мицкоски за МПЦ: Да чекориме обединето кон заштита на нашиот идентитет

Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија, напиша на фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештенството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето“, напиша Мицкоски.
„Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови. После одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија!“, вели во пораката на социјалните мрежи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Пендаровски: Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди

Претседателот Стево Пендаровски, упати порака по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење“, вели во пораката Пендаровски.
„Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, напиша шефот на државата.