Македонија
Орбан: ВМРО стана една од најуспешните политички сили во Европа, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој
Претставници на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ упатија честитки за како што велат, достигнувањата на партијата кои ги имаше во последните две години и притоа укажуваат на победите на парламентарните, претседателските и локалните избори.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, оценува дека ВМРО-ДПМНЕ ја поставила Македонија на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој.
„Им честитам на сите членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ за навистина неверојатните достигнувања што ги постигнавте во изминатите две години. Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО сега стана една од, или можеби најуспешните, политички сили во Европа. Нема подобра препорака од самиот успех. Ви благодарам за можноста да соработувам со вашиот претседател Христијан Мицкоски, и ви препорачувам да продолжите да го поддржувате со вашата доверба кон него. Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во владините задачи што претстојат. Бог да ги благослови македонските патриоти“, вели Орбан.
Гунтер Крихбаум, пратеник во Бундестагот од ЦДУ и државен министер за Европа, истакна дека иднината на Македонија е во Европа.
„Честитки, бидејќи не е толку својствено за една партија да го прослави овој извонреден успех. Кога ќе погледнам наназад мислам дека овој успех може да се објасни. Она што сакам да го кажам е дека сте блиску до народот, блиску сте до граѓаните, знаете што мислат граѓаните и знаете за нивните потреби и што е потребно за иднината“, кажа Крихбаум.
Според него, Христијан Мицкоски и партијата се приказна за успех и затоа им посакува, многу успех што е потребен за во иднината.
Со честитки и желби за понатамошни успеси и Андреј Пленковиќ, претседател на ХДЗ и премиер на Хрватска.
„Сакам да ви посакам успех во одржување на Конгресот по толку одлични изборни победи на парламентарните ,претседателските и сега локалните избори. Повторно и да му дадам поддршка на мојот пријател Мицкоски. Се радувам на унапредување на соработката помеѓу ХДЗ и ВМРО ДПМНЕ и меѓу Хрватска и Македонија. Голема поддршка на патот за кон ЕУ“, рече Пленковиќ.
Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и вицепремиер и министер за надворешни на Италија укажа дека Европската народна партија силно ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ е почитуван член на семејството на ЕНП, делиме исти вредности, посветеност на демократија, владеење на право, борба против корупција, слободен пазар“, посочи Тајани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

