Македонија
Османи во Маракеш на состанок на Коалицијата за борба против ИСИС

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес и утре ќе учествува на редовниот министерски состанок на Глобалната коалиција против ДАЕШ/ИСИС, кој се коорганизира од Мароко и САД, и ќе се одржви во Маракеш, Мароко.
Министерот Османи ќе учествува на панел-дискусија, со главен акцент на состојбата во Авганистан, каде што ќе ја потенцираaт потребата од заеднички одговор на предизвиците што произлегуваат од ситуацијата во таа земја, но и од другите кризни жаришта во светот. Северна Македонија уште пред членството во НАТО, од 2002 година, активно придонесуваше за зачувување на мирот во тој регион.
На маргините на состанокот Османи ќе оствари низа билатерални средби со своите хомолози: од Мароко – Насер Бурита; од Франција – Жан-Ив Ле Дријан; од Кувајт – шеик д-р Ахмед Насер ал-Мохамед ал-Сабах; од Холандија – Вопке Хоекстра, како и со потсекретарот за политички прашања на САД, Викториа Нуланд.
Како претседавач со ОБСЕ-групата на медитерански партнери за соработка, средбата со мароканскиот министер Бурита ќе се искористи и за размeна на мислења во однос на соработката во тој формат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ангел Димитров: Проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја

Бугарија не треба да дозволи притисок. Бугарската страна мора да покаже доверба во својот став, во своите аргументи и без разлика дали некој ги прифаќа, ние мора да ги браниме. Затоа не смееме да дозволиме притисок.
Ова го изјавил Ангел Димитров, претседател на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, пренесуваат медиумите во Бугарија.
„Ако сме навистина сигурни во нашата позиција, мора да ја браниме. Со познавање на длабината на проблемите и предвидување на последиците, за разлика од позицијата на народот кој конјуктурно гледа на работите. И ова е прашање на достоинство“, вели Димитров.
За заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Димитров потсети дека уште во 1999 година во Рим заедно биле двајцата премиери Иван Костов и Љубчо Георгиевски, а потоа и заедничко поклонение на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.
„Но, по 2018 година нема заедничко чествување. Двете делегации се таму, но не го прават тоа заедно. Има само средби, но секоја земја поединечно ја изразува својата почит“, додава Димитров.
Тој кажал дека бугарската страна во Комисијата дала предлог за заедничка прослава, но, како што објаснува, „она што успеавме да го постигнеме, и ова беше еден од ретките успеси кога зборуваме за светите браќа, да се нагласи улогата на бугарската држава и владетелите – принцот Борис и цар Симеон Први – за создавање и развој на културата создадена од браќата светители“, вели Димитров за БНТ.
Коментирајќи ја работата на заедничката комисија, тој смета дека нема значителен напредок.
„За да одговориме на желбата за нов почеток, побарана од премиерот Кирил Петков, договоривме со колегите од Скопје да одржиме три средби од февруари до мај. По малиот напредок во однос на царот Самуил, нешто што дури и не заслужува посебно внимание, нема ништо ново. Напредокот повторно е запрен“, рече Димитров.
Тој нагласува дека проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја.
„Кога не прифаќате постоење историски феномен, тогаш се создава отпор против спроведувањето на самиот Договор за пријателство и добрососедство. Во обидот да не се зборува за заедничка туку споделена историја, што е нешто поинакво, тогаш се бега од желбата да направат сериозна критичка анализа на сопственото минато“, вели Димитров.
„Работата на комисијата е важна, барем да се зборува за минатото. Тоа е катализатор за решавање на политичките прашања, политичарите ќе ја донесат одлуката, но не и историчарите. Мора да се сретнеме со нашите колеги, не можеме да очекуваме само Бугарија да направи некои гестови и чекори. Проблемите се во РСМ. Катарзата мора да се одвива во РСМ бидејќи сè уште нема критичка анализа на сопственото минато“, вели Ангел Димитров, во изјава за бугарските медиуми.
Македонија
Следните денови повремено нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Во следните денови претежно во попладневните часови повремено ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град.
Повремено нестабилноста ќе се појавува и во вечерните часови.
Во овој период дневните температури ќе бидат над просекот за овој период од годината и ќе се одржува доста топло време.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Ковачевски: Нови потенцијали за соработка со Ватикан во области од взаемен интерес

Во рамките на посетата на Светата Столица, како дел од програмата за одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи имаа средба со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.
На средбата беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето на дипломатските односи бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.
Круна на силната динамика на взаемните пријателски односи, беше речено на средбата, беше монументалната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија во мај 2019 година, настан од исклучително значење не само за унапредување на билатералните односи, туку и за регионот.
Соговорниците на состанокот истакнаа дека духовните врски преку цивилизациското наследство на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, се преточуваат и во пријателски политички односи со Ватикан кои во последните години се потврдени и низ зголемената динамика на билатералните средби на највисоко ниво.
На средбата стана збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, чествувањето во текот на денот продолжи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре. Програмата по повод чествувањето на Светите браќа Кирил Методиј попладнето продолжува со концерт на светски познатиот тенор Благој Нацоски.