Македонија
Османи ги запозна невладините организации со стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

Во рамките на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година во Вашингтон.
Во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог, кој покрива многубројни области за соработка, како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.
Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на разни институции во земјата во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.
„Планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог со САД содржи многубројни проекти и активности чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата. Отворени сме за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Видео) „Ставена беше жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба“, Герасимовски за акцијата на градилиштето позади Универзална

Градоначалникот Горан Герасимовски е дециден дека земјиштето на улицата „9 Мај“ позади Универзална сала, ќе се врати во првобитна состојба и нема да се гради. Тој посочи дека градежните инспектори на Општина Центар констатирале дека фирмата инвеститор не постапила според дадените насоки за да се заштитат околните објекти. Наспроти ова, тој продолжил со градба.
„Во оваа држава постојат закони и мора сите да ги почитуваат. Пред неколку месеци настана проблем од страна на фирмата која го има одобрението за градба. Јамата која требаше да се спроведе, не се спроведе. Не беше заштитена зградата. Немаше ‘шипови’ за стабилизација на целото земјиште. Наместо -2 напаравен е -1 спрат. Ставена беше жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба. По решението од градежниот инспектор, за враќање на земјиштето во првобитна состојба, тоа се прави денеска“, рече Герасимовски.
Штетата на улицата која пропадна поради градилиштето – треба да ја санира инвеститорот. Ако тоа не го направи до крајот на рокот, штетата ќе ја санираат „Улици и патишта“, а ќе се фактурира на фирмата инвеститор.
„Има неколку казни од вкупна вредност 12.000 вредност. Во судска постапка е дадена, истата мора да се плати“, рече Герасимовски.
Македонија
(Видео) Со полиција се затрупува градилиштето зад Универзална, кое проголта дел од улицата „9 Мај“

Со полициска асистенција, градоначалникот Горан Герасимовски и службите на Општина Центар отидоа да интервенираат на градилиштето зад Универзална сала, кое проголта дел од улицата „9 Мај“. Откако два месеци, фирмата која гради не постапила по насоките, тоа сега ќе го направи механизација на Општина Центар. Цело градилиште – ќе се затрупува со земја.
На градилиштето, Герасимовски и полицијата затекнаа работници кои вршеа градежни активности. Ги информираа за што се дојдени и дека ќе постапуваат. Полициските службеници им посочија дека треба да се тргнат од објектот.
„Нека земат алат што имаат и да се тргнат од објектот“, рече полицискиот службеник на еден од работниците, кој потоа му врати: „Ќе треба неколку денови за да се извади алатот“.
„Нема време, имаш половина час да го земете алатот“, му рече полицаецот.
Градоначалникот на Центар, Герасимовски, му рече на работникот дека ќе се затрупува со земја цело градилиште.
Дел од улицата 9 Мај зад Универзалната сала во Скопје се одрони и пропадна во градилиште за нова зграда. Градежната инспекција од Општина Центар, откога се одронил дел од улицата, третпат направила увид на градилиштето. И во претходните два увида инспекторите констатирале дека јамата е необезбедена. На првиот увид, заедно со општинскиот градежен инспектор и полицијата, излезе и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и го затворија градилиштето токму поради необезбедената градежна јама.
Македонија
Стапуваат во сила три договори од берлинскиот процес

Во Македонија, Албанија и Косово стапуваат на сила трите договори потпишани на 3 ноември 2022 година, во рамките на Берлинскиот процес – Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високо образовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти.
Многу бргу се очекува влегување на сила на договорите и во останатите три држави потписнични, согласно завршените правни процедури кај нив – Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Со нив се воспоставува слободно движење на луѓето само со лични карти во рамките на Западен Балкан; се овозможува мобилност на студентите, професорите и академските работници, додека процедурите за признавање се скратуваат од неколку месеци на две недели и без трошоци; докторите на медицина, забарите и архитектите ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.
„Секој од овие договори дава специфична можност да им помогне на нашите граѓани да го искористат својот потенцијал, да ги прошират своите искуства и да придонесат за доброто на нашиот регион. Договорите претставуваат значаен чекор напред во нашите напори да им овозможиме на граѓаните слобода на движење и интеграција, како услов за воспоставување на заеднички регионален пазар, што ќе претставува најбезбеден и најбрз пат кон исполнување на нашата заедничка цел – членство во Европската унија“, изјави денес министерот Османи.
Министерството за надворешни работи на Македонија е избран како депозитар на овие договори.