Македонија
Османи – Коен во Њујорк: Заемни заложби за развој на односите и зајакнување на врските меѓу регионите
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен, во рамките на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
Соговорниците ги реафирмираа заложбите за понатамошно зајакнување на билатералните односи, со посебен фокус на економската соработка и бизнис-релациите, а беше поздравена и одличната соработка во меѓународните организации.
„Северна Македонија како полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА има значајна улога во глобалната борба против антисемитизмот. Остануваме посветени на нашата определба за сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, како и на борбата против говорот на омраза, лажните вести и други негативни појави со кои сите се соочуваме“, истакна Османи.
На средбата стана збор и за безбедносните предизвици и актуелни состојби во двата региона, при што беа нагласени заедничките заложби за промовирање на мирот и безбедноста како наш значаен и споделен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев: Преговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија завршија пред две години
Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, кој смета дека нема потреба од посредништво во дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
Со овие зборови тој одговори на прашање за изјавата на премиерот на Христијан Мицковски, дека е подготвен за преговори со бугарскиот претседател.
Радев посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но мора да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по договорот за добрососедство и соработка“, рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Според него, доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена во исто време.
„Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ“, додаде.
Радев истакна дека Бугарија може и треба да помогне во овој процес, за Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите и самоуверено да го тргне својот европски пат.
Македонија
Уште еден земјотрес почувствуван во Македонија
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала вечерва е регистриран во близина на граничните премини помеѓу Македонија, Косово и Србија.
Според информациите на ЕМСЦ земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, на 9 километри од Врање.
Граѓаните веднаш се огласија на социјалните мрежи и, како што велат, ова е четврти земјотрес од синоќа.
„Добро удри! Немаше нишање, повторно вертикално“, сведочи граѓан на Врање кој го почувствувал потресот, пренесува „Б92“.
„Силно, но кратко“, се дел од коментарите на корисниците на EМСЦ.
Земјотресот бил почувствуван во делови од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.
Претходно утрово, земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди јужна Србија, а беше почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Македонија
Огромни гужви на грчко-македонската граница: „Се чека и до три часа“, се жалат граѓани
Колони возила има попладнево на граничниот премин Еврзони од грчка страна, додека голем број македонски граѓани се враќаат од продолжениот празничен викенд кој го поминаа на туристичките места во Грција.
Според информациите од АМСМ, за влез во земјава се чека повеќе од еден час.
Граѓани пак, сведочат дека чекаат и до три часа.
„Колони има до патарина“, се жалат македонските туристи.
Гужви има и на велешката патарина, а колона возила стои во место и на влезот на Гостивар од „Стража“.
Според последните информации, на Табановце времето за чекање веќе е намалено откако претходно денес и таму беше забележано зголемено движење.
(Фото: архива)