Македонија
Османи најави мобилна болница и здравствени тимови за подобра превенција на здравјето на граѓаните на Чаир
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи на денешната прес-конференција ги претстави клучните здравствени проекти од неговата изборна програма. Најави нов пристап во локалната здравствена политика.
Османи најави воспоставување на мобилна болница, како караван кој секојдневно ќе биде присутен во различни населени места, каде граѓаните ќе можат бесплатно да направат превентивни здравствени прегледи.
– Секој ден во едно маало ќе има мобилна болница, во која граѓаните доброволно ќе можат да направат превентивни здравствени прегледи. Ова е многу важно, не само за откривање на поединечни случаи, туку и за зголемување на општата свест, рече Османи.
Како дел од вториот столб на здравствената програма најави здравствени тимови составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами.
– Повозрасните лица на некој начин се најпогодени во однос на здравјето. За нив ќе подготвиме здравствени тимови од лекари и медицински сестри кои ќе одат и ќе ги посетуваат во нивните домови кога ќе има потреба, истакна Османи.
Тој најави и посебни превентивни програми за жените, со фокус на раното откривање на рак на дојка и поддршка на физичкото и менталното здравје.
-Прашањето за жените беше најважниот приоритет во здравствената програма. Општината ќе има посебни проекти за приоретизирање на нивното здравје, рече тој.
Османи потенцираше дека новата визија за здравството во Чаир се темели на превенцијата, а не, како што посочи, на скапи и задоцнети интервенции. Тој нагласи дека сегашната состојба во Чаир е загрижувачка.
-Триесет отсто од децата во Чаир имаат повеќе хронични заболувања на белите дробови поради нечистотијата, поради правот на нашите улици. Полициските извештаи покажуваат дека четири лица дневно во Чаир завршуваат на операциона маса, поради урбаниот хаос и сообраќајните несреќи, рече Османи.
Османи денеска присуствуваше на настанот „Здравје за сите во нашата општина“, заедничка иницијатива на Секретаријатот за здравство и Младинскиот форум на Националната алијанса за интеграција што се одржа во Старата Чаршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

