Македонија
Османи на неформален состанок на НАТО во Берлин, поканети се и министрите на Финска и Шведска

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ќе учествува на неформалниот состанок на НАТО министрите за надворешните работи, што ќе се одржи денеска и утре, во Берлин.
Во фокусот на разговорите ќе биде руската воена инвазија во Украина, можните импликации од војната врз сојузниците, вклучително и безбедносните ризици и идната одбранбена поставеност на НАТО, како и претстојниот самит на лидерите во Мадрид.
На состанокот се поканети да учествуваат и министрите за надворешни работи на Финска и Шведска, кои ќе информираат за најновиот развој на настаните, придобивките и импликациите врзани со можното идно членство на овие две земји во Алијансата, соопштија од Министерството за надворешни работи.
На маргините на состанокот, се очекува министерот Османи да оствари билатерални средби со министрите за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, како и со други хомолози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Интервју) Александар Николоски: Бројката што ќе излезе на големиот митинг ќе биде доволна порака до власта

Наместо дијалог на маса, ние добивме во најлоша смисла на зборот едно балканско мачовистичко одбивање на нашиот предлог и немаме друг избор, освен да го правиме ова што го правиме, а тоа се активни блокади во Собранието и голем сенароден протест на 18 јуни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“.
Најави дека ова ќе биде најголемиот протестен собир што е виден во Македонија во последната деценија.
„Секако дека ќе има и други чекори во следниот период, но главен фокус е големиот протестен митинг по кој јас очекувам дека, конечно, со власта ќе седнеме и ќе ги договориме работите за кои зборуваме, пред сѐ, за датум за предвремени избори“, вели Николоски.
Потенцира дека првпат со овој претседател на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.
Николоски во интервјуто нагласува дека не е оптимист за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Сега имам чувство дека Бугарија им служи само како изговор на неколку земји членки на ЕУ, пред сѐ, од помоќните, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ. Да има друга одлука, еден дипломатски тешкаш ќе отиде во Софија и ќе си ја заврши работата. Тоа, од друга страна, покажува дека нема доволно притисок врз Бугарија“, оценува Николоски.
Појаснува дека идеjата на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница е многу лоша.
„Идејата на Макрон за нас е многу лоша. Не е симпатично за Македонија да е во друштво на Косово, БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија и на Украина“, рече Николоски.
За актуелните снимки од Собранието и однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери, за тактиките на помалите политички партии, дали се надминати минатото и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, одговара потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.
Македонија
Ковачевски: Власите се значајни учесници во севкупниот развој на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска прими делегација на заедницата на Власите од нашата земја, претставена преку членови на политички партии, граѓански здруженија, на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На средбата во пресрет на претстојниот празник 23 Мај – Национален ден на Власите, претседателот на Демократскиот сојуз на Власите, Никола Бабовски, информира за подготовките на централната манифестација, со која ќе се одбележи празникот на влашката заедница во нашата земја.
Честитајќи го празникот во свое име и во име на Владата, премиерот Ковачевски го истакна придонесот на влашкиот народ во севкупниот развој на нашата држава и ги поддржа активностите на заедницата на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.
Членовите на делегацијата на Власите го информираа премиерот Ковачевски за нивното активно учество во креирањето на стратегијата за едно општество и интеркултурализам, со концепт за програма за вклучување на изучувањето на влашкиот јазик и култура во одделни степени на образовниот систем, како и за нивните заложби да биде обновен Влашкиот етнофестивал.
Скопје
Улица во Старата скопска чаршија го доби името „Укшин Хоти“

Во Старата скопска чаршија денеска беше откриена таблата со новото име на улицата Укшин Хоти, која ќе го замени името на улицата Лазар Танев, а меѓу многуте гости беше и лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
„Оваа улица се наоѓа во едно од најубавите и најстари места на нашето Скопје и во срцето на Чаир – Старата чаршија“, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Тој потсети дека името на Укшин Хоти ќе го повторат илјадници туристи, кои секојдневно минуваат по оваа улица и доаѓаат од целиот свет.
„’Укшин Хоти’ е само едно од 66-те нови имиња со кои неодамна беа преименувани улиците на општина Чаир, меѓу кои има многу истакнати личности, кои ќе бидат траен белег и потсетување за сите нови генерации. Во оваа пригода сакам неизмерно да им се заблагодарам на сите соработници што помогнаа историскиот Чаир да биде со нови имиња“, рече Ганиу.
На откривањето на плочата со новото име на улицата Укшин Хоти присуствуваа и сестрата на Укшин Хоти, Мирвете Хоти, вицепремиерот Артан Груби, пратеници, претставници на институции, академици и граѓани.
По свеченото промовирање на улицата, во соработка со Општина Чаир, Државната агенција за архива на Косово и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, беше отворена изложбата „Направи или умри!“ посветена на животот и делото на Укшин Хоти.