Македонија
Османи на пленарната сесија на 29. министерски совет на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на 29. состанок на министерскиот совет на ОБСЕ, што оваа година се одржува во Лоѓ, Полска, на 1 и 2 декември 2022 година.
Во своето обраќање пред министрите за надворешни работи и претставниците на земјите учеснички на ОБСЕ министерот Османи се задржа на состојбите со кои се соочува Организацијата и денешните политички и безбедносни предизвици.
„Со долгогодишното непочитување и прекршување на договорените принципи и заложби на Организацијата силно е нарушена нивната кохезивна сила и се подриени принципите на ОБСЕ како темел на европската безбедносна архитектура. Ваквите тенденции доживеаја врв со агресијата на Руската Федерација врз Украина“, истакна Османи.
„Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува во корист и поддршка на граѓаните во ОБСЕ-регионот. Организацијата да продолжи да ѝ служи на целта за нејзино воспоставување нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување конфликти“, посочи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Осудуваме цензура на медиуми и новинари

„Владата забранува на дел од новинарите и медиумите да известуваат за утрешното чествување на Гоце Делчев, без образложение недоделувајќи акредитации на одредени медиуми, новинари и фоторепортери. Зошто може бугарските здруженија да присуствуваат, а не може новинари да известуваат за чествувањето на Гоце Делчев“ соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат „ова е срам за владата, министрите и сите што работат за владиниот режим во делот со медиуми“.
„Најстрого ја осудуваме цензурата врз медиумите од страна на Владата на Ковачевски врз новинари кои сакаат да известуваат за чествувањето на Гоце Делчев. Ваквата поделба на медиумите и брутална цензура значи дека Ковачевски губи контрола. Откако со денови министри се расправаат со новинари, вечерва владината прес служба забрани известување на новинари на два интернет портали од гробот на Гоце Делчев по повод на 151 година од неговото раѓање. СДС се уплашени од критичко размислување и спроведуваат класично едноумие. Забрана на новинари да си ја вршат својата дејност е одлика само на тоталитарни режими“ стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат „Димитар Ковачевски со ваквите чекори покажува дека слободата на изразувања е само празна флоскула која ја користи кога држи пресконференции со дипломати или претставници на нашите стратешки партнери, а во суштина ги има сите одлики кои ги имале режимите од истокот“.
Македонија
Лидерот на Левица во Кукуш: Нема родендени со премолчени места на раѓање

„Во пресрет на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Таткото на македонската нација – Гоце Делчев, официјална делегација на Левица, предводена од претседателот проф. Димитар Апасиев, за прв пат во политичката историја на независна Македонија, го посети градот Кукуш (Егејска Македонија) – родното место на овој апостол на македонското револуционерно движење. Во стариот дел на градот, каде што се претпоставува дека некогаш се наоѓала родната куќа на Делчев, делегацијата составена од членови на ЦК на Левица оддаде почит, положи свежо цвеќе и одржа пригодна беседа, во знак на незаборав и непокор на македонската кауза“ соопштија од опозициската Левица.
„Нема родендени со премолчени места на раѓање!
Нема родендени со наведнати глави!
Нема родендени со страв од името на Славеникот!
И досега можеа да дојдат овде Учителе, во твоето родно место, во Кукуш – градот на Делчев и на Влахов, ама се плашеа од твојот прекор, оти си ги продадоа душите, ја запустија земјата и се одрекоа од себе си“ – стои меѓудругото во партиското соопштение.
Оттаму посочуваат дека „Македонија денес е оваа нова освестена генерација предводена од Левица, составена од млади и борбени луѓе, кои на Твојот роденден во Твојот роден Кукуш го носи крикот на обесправените, понижените и негираните! Ама, го носиме и заветот кој извира од утробата на Македонија – дека не е доцна да се исправиме и да си ја сетиме силата“.
„Додека националните изроди коленичат пред амбасадите во Скопје, ние – здружени во Левица – го следиме Твојот пат! Одлучно тргнавме по патеката на правдата, националното достоинство и надежта на обесправените – пат кој единствено води до светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Тргнавме лево, почитувајќи ја народната волја, и стигнавме до колевката на Македонското револуционерно движење. Среќен ти роденден, Учителе!“ порачуваат од Левица.
Македонија
Телефонски разговор Ковачевски – Шоле: Голема поддршка од САД за Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски, вечерва телефонски разговараше со советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, во присуство на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер.
Премиерот Ковачевски изрази огромна благодарност до Стејт департментот за значајната поддршка од САД во сите клучни моменти и важни процеси за нашата држава, за што од големо значење е стратешкото партнерство на Република Северна Македонија со САД.
Во разговорот со високиот претставник од Стејт департментот, Шоле, премиерот Ковачевски потенцираше дека еден од врвните надворешно-политички приоритети на нашата држава се зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан, за што Северна Македонија дава активен пример преку политиките на дијалог и почитување на домашен план и во добрососедските односи.
Премиерот Ковачевски и советникот на Стејт департментот Шоле разговараа за повеќе актуелни прашања.