Македонија
Османи на средба со австрискиот амбасадор Вуцас

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со новоименуваниот австриски амбасадор Георг Вуцас. Главна тема на средбата беа перспективите за европската интеграција на Северна Македонија, при што Османи го запозна Вуцас и со новиот реформски план, кој е предвидено да се имплементира до март идната година, во пресрет на европскиот самит на Унијата.
„Австрија повеќепати ја има покажано поддршката за зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, овде ќе потсетам пред сè на заложбите во текот на австриското претседателство со Унијата, како и силната поддршка на Берлинскиот процес и, секако, за нас можеби и најзначајно во овој период е австриската поддршка и придонес кон заедничкиот нон-пејпер за подобрување на процесот на проширување“, истакна Османи.
Во продолжение на средбата се разговараше и за билатералните односи помеѓу двете земји во областите на европските интеграции за поддршка на земјата во текот на преговорите со ЕУ, бидејќи, како што беше посочено, австриската поддршка на земјава е една од најдобро насочените и најдобро управуваните технички и финансиски поддршки кои ги добива земјава, а беа разгледани и можностите за нивно унапредување, особено во претстојниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МЗШВ: Од први септември започнува ловот на дивите свињи како една од мерките во борбата против болеста Африканска свинска чума

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита. Со ова решение започнува итна максимална депопулација на дивите свињи според акционен план дефиниран помеѓу МЗШВ и АХВ. Ловната сезона започнува на 1. септември на сите ловиштата на територија на државата освен во ловиштата во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево.
Одобрувањето на почеток на лов на диви свињи е една од мерките за спречување на ширењето на болеста Африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор. Ваквата одлука беше донесена врз основа на координативните состаноци помеѓу министерството, АХВ и сите релевантни страни засегнати од опасноста од ширење на оваа болест.
Согласно Законот за ловство, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес на државата ужива посебна заштита и подлежи на законски мерки во случај на појава и ширење на заразни болести.
Концесионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП„Национални шуми“ – Скопје како привремени управувачи на ловиштата без концесионер, потребно е да го прилагодат своето работење согласно одредбата од донесеното Решение за одобрување на лов.
Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застеланиот дивеч по завршувањето на ловот да се складира на одредено место обележано од страна на Концесионерите на дивечот во ловиштата. Исто така, се задолжуваат Концесионерите и управувачите со државни ловишта во рок од 5 дена да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги превземат сите мерки пред почетокот на ловот кој согласно денешното Решение ќе започне на 01. септември.
МЗШВ континуирано ја следи состојбата со болеста Африканска свинска чума и во координација со АХВ и другите институции превзема навремени мерки. На иницијатива на министерот Николовски беше предложено итно формирање на Координативно тело како една од мерките за мониторинг и спречување на болеста Африканска свинска чума. Ова Координативно тело активно ќе ја следи состојбата и ќе дава идни препораки за потреба од превземање на дополнителни мерки.
Македонија
Градоначалникот Герасимовски го потпиша зголемувањето на платите во Општина Центар

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, и претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, го потпишаа анексот на Колективниот договор, со кој на вработените службеници во Општина Центар им се зголемуваат платите за 2.806 денари.
„Со ова покачување сакаме дополнително да ги мотивираме вработените, особено во ова време кога се наоѓаме во светска економска криза, која секако не ја одминува ни нашата општина. По преговорите со синдикатот во општината, обезбедивме средства и веќе од следниот месец вработените ќе земаат поголема плата, што ќе им донесе поголема финансиска сигурност на нашите во време кога цените на сите производи од ден во ден растат“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Анексот на Колективниот договор предвидува линеарно зголемување на платата на сите вработени во општинската администрација, освен на лицата чии плати беа претходно зголемени со самото донесување на Законот за минимална плата.
Македонија
Вилма Русковска е суспендирана, дисциплинска за уште две обвинителки

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска добила решение за суспензија. Според информации на „Макфакс“, одлуката е донесена откако против Русковска, но и Ивана Трајчева, како и Елизабета Јосифовска е покрената дисциплинска постапка, поради претресот во финансиската полиција.
Постапката ја поведе републичкиот обвинител Љубомир Јовески, а по претресот во финансиската полиција за кој беше утврдено дека е незаконски направен. Дисциплинската комисија ќе треба да утврди кои повреди се направени.
Од Обвинителството попладнево потврдија дека за обвинителите постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.
„Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, додаваат од Обвинителството.