Македонија
Османи – Нуланд: На 2 јуни во Вашингтон ќе го потврдиме силното сојузништво

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Маракеш оствари средба со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања во Стејт департментот, на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС.
Како што информираат од Министерството, во фокусот на разговорите било претстојното одржување на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД на 2 јуни во Вашингтон.
Од МНР воедно потсетуваат дека Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што одржува стратешки дијалог со САД.
„Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница“, истакнал Османи.
Министерот на средбата изразил и благодарност за недвосмислената американска поддршка за нашите евроинтегративни процеси.
„Политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност“, нагласил Османи притоа истакнувајќи ја и потребата од зајакнато присуство на САД на нашите простори како гаранција за регионалната стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Институциите да испитат со кои пари се купени имоти во Дубаи од страна на роднини и бизнисмени блиски до владата на СДСМ

Институциите да испитат со кои пари се купени имотите во Дубаи од страна на роднини и бизнисмени блиски до владата на СДСМ, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање дали има поконкретни информации за случаите со незаконското перење на пари во Дубаи.
Николоски нагласи дека од она што се објавува по медиумите помеѓу сопствениците на имот во Дубаи се роднини и бизнисмени кои се блиски до актуелната гарнитура на власт, апелирајќи до надлежните институции да ги испитаат овие наводи се со цел да се дознае на кој начин е стекнат имотот.
„Според податоците кои јавно беа изнесени бројни лица од Македонија и бизнисмени поседуваат имот во Дубаи, она што се навестува во јавноста, пишуваа и одредени ваши колеги е дека помеѓу сопствениците на имот се роднини и бизнисмени коишто се блиски на актуелната гарнитура на власт а всушност мислам дека и целата јавност е запозната со честите посети на одредени богати семејства од Македонија во Дубаи коишто не се ни кријат, да ги објават фотографиите од Дубаи на социјалните мрежи. Она што треба да го одговорат во јавноста е за колку пари го имаат купено имотот? Дали е тоа направено преку легални трансакции и дали можат да докажат потекло на парите, а ги повикувам надлежните институции и пред се управата за финасиско разузнавање, финанасиската полиција, управата за јавни приходи и министерството за внатрешни работи да ги испитаат овие наводи затоа што ова не се наводи од улица условно кажано, туку се наводи коишто ги даваат врвни новинарски имиња и од регионот и од Европа но и од светот. Така што треба да дадат одоговори на овие прашања, на кој начин и со кој пари се стекнати тие имоти и дали тие имоти се можеби, односно тие пари се производ на кривични дела“, порача Николоски.
Македонија
Пресуда за уривањето на „Космос“ Груевски доби девет години затвор, Јанакиески три, а Трајковски четири

Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани донесоа осудителни пресуди за сите обвинети за случајот познат како „ТНТ“, за уривањето на објектот „Космос“ сопственост на бизнисменот Фијат Цановски. Експремиерот Никола Груевски, кој се гони за поттикнување, односно злоупотреба на службената положба и овластување, доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор.
Тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, доби четири години затвор, бидејќи според судот ја поттикнал инспекторката за издаде решение за уривање на објектот иако не требало.
Елисавета Најдовска исто така доби осудителна пресуда со казна затвор од четири години, бидејќи прифатила да го урива „Космос“.
„Обвинетите солидарно да ја надоместат штетата на ТД Фине од 683.514.694 денари, која се состои од вредноста на изградениот дел од објектот Космос и вредноста на рушењето во износ на 19.389.440 денари“, посочи Ставрев.
Насе Ралев, Марика Зафировска, Александра Димитриевска-Аврамовска се ослободија од обвинение. Тие беа обвинет бидејќи биле членови на комисија за јавни набавки во Гази Баба и овозможиле незаконски да се спроведе истата, со фаворизирање на една фирма.
Судот ги отфрли и помилувањата дадени за овој случај бидејќи тие се донесени без законска основа. Судијата Ставрев повеќе од половина час елаборираше зошто помилувањата од експретседателот Ѓорѓе Иванов не се законски.
„Помилувањата од самиот почеток беа апсолутно ништовни“, кажа во дел од образложението судијата Ставрев.
За застареноста на кривичното гонење, мислење кое го даде сегашниот министер за правда Никола Тупанчески, судијата Ставрев кажа дека тоа е доколку не се изменел Кривичниот законик.
„Со измените на Кривичниот законик во 2010 година, а правниот настан се случил од 2011 година до крајот на 2012 година. Тоа значи се сторени по стапување на сила и важност на законските измени на Кривичниот законик кој предвидува казна затвор“, посочи Ставрев.
Бизнисменот Фијат Цановски побара оштета од 58.8 милиони евра по повеќе основи. По неколку вештачења, Цановски ја смени сумата и рече дека штетата е 40 милиони евра. Тој сметаше дека тоа е сумата која треба да му се исплати поради неговите загуби од уривањето на станбено-деловниот комплекс. Обвинителството, пак, со вештачења посочи дека штетата е близу 20 илјади евра.
Ефективни казни затвор какви што беа досудени побара обвинителот Бурим Рустеми. Обвинетите негираа вина. Тие останаа на ставот дека сите службени дејствија кои ги презеле биле согласно закон, а бидејќи објектот бил нелегален. Јанакиески на судењата посочи дека ако го осудат, тоа нема да смени ништо, освен што Фијат Цановски ќе заработи пари од буџетот. Тој рече: „Ве замолувам да ги цените доказите и завршните зборови, да донесете ослободителна и одбивателна пресуда“. Според него, објектот немало да се отстранува, ако бил легален.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот добива првостепена пресуда по 11 години.
Македонија
Владина делегација положи цвеќе на споменикот на светите браќа Кирил и Методиј

Премиерот Димитар Ковачевски ја предводеше делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во чиј состав беа заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кои положија цвеќе пред споменикот на светите браќа Кирил и Методиј во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, информираа владините служби.
Венци со цвеќе пред споменикот денеска положија и делегација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, делегација на кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Сојузот на борците, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, делегација на Град Скопје и делегација на дипломатскиот кор акредитиран во Република Северна Македонија.
Со оваа активност започнаа чествувањата од програмата за одбележување на државниот празник 24 Мај – Ден на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, патрони на УКИМ и светители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кои со своето дело за ширење на христијанството и јазиците на словенските народи, денеска се празнуваат и чествуваат во повеќе европски земји.
„Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, како и секоја година традиционално, ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај папата Франциско на Светиот Престол, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, со молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Рим и со пригодни културно-уметнички содржини во главниот град на Италија“, е наведено во владиното соопштение.