Македонија
Османи: Потребна е посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс. За време на средбата соговорниците разговараа за приоритетите на оваа меѓународна организација во земјата, при што Османи изрази огромна благодарност за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија, а чија главна цел е поддршка и заштита на правата на децата.
„Сѐ уште имаме предизвици на кои мора да работиме за да го постигнеме европскиот просек за квалитетот на детската заштита, а за што неопходни се и поддршката, експертизата и посветеноста на УНИЦЕФ“, истакна Османи изразувајќи искрена благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ во изминатиот период, особено за време на мигрантската криза преку обезбедување помош на децата бегалци и мигранти што минуваат во нашата земја.
На средбата Османи го реафирмира ставот дека на Македонија ѝ е потребна политика за поддршка на семејствата што го прифаќаат предизвикот да имаат трето дете. „Македонија е сѐ уште земја во развој на која ѝ претстои значаен период за да го достигне европскиот стандард, што ги обесхрабрува семејствата да оформат поголеми заедници како последица на нивната загриженост за условите што ќе може да им ги обезбедат. Токму затоа државата треба да обезбеди соодветна поддршката за повеќедетните семејства“, истакна Османи посочувајќи на потребата да се отвори посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете.
На крајот Османи ја потврди заложбата на земјава за членство во Европската Унија токму врз основа на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што се заштитата и унапредувањето на правата на децата и изрази надеж дека УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршка на реформите неопходни за евро-атлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Лажниот патриотизам на ВМРО падна: европски пасоши за нив, изолација за народот“, велат од СДСМ
„Со години ВМРО-ОКГ ширеше страв, хистерија и лажен патриотизам, убедувајќи ги граѓаните дека ние во СДСМ сме предавници кои го го загрозуваат македонскиот идентитетот, јазик и култура. Вистината излезе на виделина. Ниту СДСМ се предавници ниту е загрозен македонскиот идентитет“, велат од СДСМ.
„Тоа го призна и ВМРО-ОКГ. Мицкоски призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата, Силјановска призна дека македонскиот јазик, идентитет и култура се заштитени, Муцунски признаа дека НАТО е гаранција за безбедноста и добар за бизнис климата.
Паднаа лагите, падна и лажниот патриотизам на ВМРО. Токму тие што најгласно зборуваа за „предавства“ и „национални интереси“, тивко си обезбедувале бугарски пасоши за себе и за своите семејства. Последното признание на ВМРО само потврди дека Владата на Мицкоски е преполна со функционери со бугарски пасоши.
Кога СДСМ предложи закон со кој премиерот, министрите, вицепремиерите и членовите на Владата нема да можат да имаат двојни државјанства, ВМРО-ОКГ веднаш го одби. Зошто? Затоа што ако законот беше усвоен, половина Влада ќе требаше да си замине.
За нив може европски пасоши и резервна иднина во ЕУ, ама за народот – блокади, конфликти и изолација.
За нив може бугарски државајнства и Бугари, ама не може внесување на малцинствата во Уставот.
Ова е најголемото лицемерие на ВМРО-ОКГ. Додека Македонија намерно ја држат заглавена и оттурната од Европа, тие одамна си обезбедиле европска сигурност за себе. Една по една паѓаат сите лаги на кои со години ја темелеа својата пропаганда.
Граѓаните веќе јасно гледаат дека ВМРО-ОКГ никогаш не водеше битка за државните интереси, туку за власт, бизниси, тендери и лични привилегии. Лажниот патриотизам падна. Вистината излезе на виделина“, соопшти СДСМ.
Македонија
Левица: Зошто државниот обвинител Савески не ги користи своите овластувања за случајот „Мазут”
„Додека ВМРО-ДПМНЕ одбива да го повика државниот јавен обвинител да постапи по скандалозното затворање на случајот „Мазут”, иако претходно Мицкоски од говорница повикуваше по кои предмети да постапи новиот државен јавен обвинител – за овој случај Савески одбира да молчи“, велат од партијата Левица.
„Иако ОЈО ГОКК ја запре истрагата, Законот за јавно обвинителство јасно му дава механизми на државниот јавен обвинител да постапи во оваа фаза од предметот, односно Савески може да побара увид во предметот со цел утврдување на законитоста на истрагата, како и да наложи нови вештачења или прибирање докази. Сепак, и покрај јасните законски алатки, државниот јавен обвинител воопшто не покажува волја да побара увид во предметот „Мазут“, ниту да отвори институционална проверка за начинот на кој е запрена истрагата.
Особено загрижува фактот што по именувањето на новиот државен јавен обвинител беа забележани експедитивни кадровски и процесни потези кои одат во прилог на политичките интереси на ВМРО-ДПМНЕ, како што беше случајот со предметот „Талир”. И покрај тоа што има законска обврска и овластувања да побара увид, да наложи дополнителни дејствија и да утврди дали постапката била водена законито, Савески останува пасивен и одбира да глуми ненадлежен.
Дали пасивноста на Савески доаѓа после телефонскиот разговор со Мицкоски, каде добил такви насоки?! Ако новиот државен јавен обвинител навистина не постапува по политички и партиски директиви, тогаш Савески треба да ги искористи законските механизми кои му стојат на располагање и да утврди како е затворена истрага за случај во кој државата била оштетена за 169 милиони евра“, соопшти партијата Левица.
Македонија
„Уште 10 дена до рокот за реформите кои Мицкоски нема да ги исполни“, велат од СДСМ
„Владата се фали со пари кои ги добиваат сите кандидати на Балканот освен Србија, но не кажува колку пари загубивме. ЕУ ослободи само 65,7 милиони евра за Македонија а вкупната сума која требаше да се повлече само за периодот јуни 2025 – декември 2025 е 134 милиони евра“, велат од СДСМ.
„Молчи Владата за клучното прашање колку пари загуби Македонија поради тоа што нема продолжување на европскиот пат? Остануваат уште само 10 дена до рокот што самиот Христијан Мицкоски го постави за исполнување на реформите и европските обврски.
10 дена до уште едно неисполнето ветување на Мицкоски. Без измени на Уставот и внесување на малцинствата, нема продолжување на ЕУ интеграциите, нема помрднување од мртва точка.
Без тоа нема отворање на следната фаза од преговорите. Значи нема ништо.
Самиот Мицкоски тврдеше дека има апсолутно мнозинство, самиот ја укина Техничката влада без консензус.
Сега нека не бара алиби кај СДСМ. Ние нема да му бидеме алиби за неисполнување на реформите и неговите ветувања.
Нека ги заврши реформите што ги вети, нека ги исполни обврските до 1 јуни, нека ги внесе малцинствата во Уставот затоа што без тоа нема продолжување на интеграциите, нема поместување од мртва точка.
Само така ќе покаже дека навистина сака Македонија да продолжи кон ЕУ.
Во спротивно ќе мора конечно да излезе пред граѓаните и да признае дека не сака ЕУ затоа што се плаши од европски стандарди, од реформи, од независно правосудство и од одговорност“, соопштуваат од СДСМ.
