Македонија
Османи: Прифаќањето на европските вредности е основа за долгорочна стабилност на Балканот
Во рамките на одбележувањето на европските денови во земјава во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа панел-конференција на тема „Западен Балкан и евро-атлантските вредности“ на која покрај заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и ко-организаторот, директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, учествуваа и домашни претставници и експерти од земјите од регионот.
„Се наоѓаме во еден исклучително динамичен период, во кој промените се случуваат со голема брзина, при што темата ‘Западниот Балкан и евро-атланските вредности’ на денешната панел-конференција е од исклучителна важност за сите земји од регионот во рамките на која можеме заеднички да дебатираме и да изнесеме аргументации за тоа со каква брзина, ние, земјите членки од Западниот Балкан, ги интегрираме, ги имплементираме европските и евро-атлантските вредности, имајќи ги нашите недвосмислени амбиции за членство во ЕУ и НАТО“, истакна Османи.
Во продолжение панелистите дебатираа за предизвиците со кои се соочува регионот, особено од аспект на европските и евро-атлантските интеграции, изразувајќи суштинска поддршка за процесот, како носечки елемент на напредокот на сите земји од Западниот Балкан. Во ова смисла беше нотиран и напредокот на земјава, чиј успех се посочува како позитивен пример за затворање на отворените прашања и посветеност кон реформите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Македонија
Савески- Палминтери: Италија подготвена да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери.
Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за областа владеење на правото.
Италијанскиот амбасадор пред државниот обвинител ги презентираше досегашните активности во таа насока, вклучувајќи ги и двата меѓуинституционални меморандуми за зголемување на ефикасноста на борбата против еколошкиот криминал и против кривичните дела против културното наследство, склучени со поддршка на Италија.
Воедно тие разговараа и за можностите за идни активности, како и за предизвиците со кои се соочува обвинителството поради недостигот на јавни обвинители и ресурси и за обврските од реформската агенда.
Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе.
Италијанскиот амбасадор ја изрази подготвеноста на Италија да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството во следниот период, бидејќи клучните области од идните преговори на земјава за членство во ЕУ се однесуваат на поглавјата за владеење на правото.
