Македонија
Османи со шефовите на дипломатските мисии: Со многу работа, упорност и компромис ја нагласивме европската надеж за целиот регион

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа брифинг со шефовите на странските дипломатски мисии и мултилатерални организации во земјава, каде ги претстави најзначајните активности во надворешната политика во изминатата година.
Во рамките на претставувањето на работата на МНР, Османи направи осврт и кон претстојните активности на дипломатијата во 2023 година, со посебен акцент на актуелностите во однос на нашето ЕУ досие, претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, претседавањето со САД – Јадранската повелба (А5), во делот на имплементацијата на политиките на НАТО во регионот, како претседавањето и со ПСЈИЕ – Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија по 17 години кандидатски статус и забрзување на процесот на ЕУ-реформите, меѓу другото и преку скринингот што веќе се одвива; потоа лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД, како надградба на Стратешкото партнерство од 2008 година; потпишувањето на договорот за Фронтекс, кој долги години беше заглавен поради несогласувањето за употребата на македонскиот јазик; потоа членството на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, како една од поголемите мултилатерални организации за соработка на Европа со земјите од Медитеранот; но и активен придонес и доследното спроведување на преземените обврски како НАТО членка; сè се тоа бројните значајни постигнувања што ќе бидат забележани во надворешната политика на земјава во 2022 година“, истакна Османи во воведното обраќање пред дипломатите.
Османи ја истакна и посебноста на земјава и нејзиниот придонес во меѓународните односи како земја препознатлива по нејзината автентична култура на дијалог и способност за постигнување компромиси за билатерални прашања. Република Северна Македонија се докажа и се промовираше како активен придонесувач во градењето и зајакнувањето на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа.
„Преку многу работа, преку упорност и инсистирањето на политиката на компромис ја нагласивме европската надеж за целиот регион и уверен сум дека нашиот пример може да се искористи како пример и за останатите земји во надминување на преостанатите отворени прашања на Балканот. Ние сме подготвени на ова да работиме, секако во соработка со нашите меѓународни партнери и пријатели“, нагласи Османи.
На брифингот дипломатите покажаа голем интерес за претстојните активностите на земјава по сите актуелни прашања: од начинот на имплементација на европското досие, преку нашата улога во НАТО и однос кон руската агресија врз Украина, како и за приоритетите и плановите во рамките на нашето претседавањето со ОБСЕ и другите мултилатерални организации во 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на министерката Петровска со српскиот министер за одбрана, Вучевиќ

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата беше разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
Министерката Петровска истакна дека одржувањето на стабилноста во регионот е од приоритетно значење, кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање.
Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
Македонија
Царината заплени половина тон тутун за наргиле и над 2 илјади електронски цигари

Во заедничка акција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа со Одделот за крим-полиција – Сектор за економски криминал и корупција на МВР и инспектори од Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција, запленети се речиси половина тон тутун за наргиле, електронски цигари и течност за електронски цигари.
Имено, вчера, на 26.1.2023 година, на неколку локации во Скопје во рамките на координираната акција беше извршена контрола во која беа откриени и запленети необележани акцизни производи, без акцизни маркички, од кои 454 кг тутун за наргиле, 2.290 електронски цигари, со содржина од 15.130 милилитри течност за електронски цигари.
Со оваа заплена е спречен обид на пуштање во слободен промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од вкупно 2,5 милиона денари.
Запленетата стока во согласност со законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против инволвираните правни и физички лица поднесени се соодветни пријави до надлежните институции.
Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.