Македонија
Отворена нова амбуланта во Илинден
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска ја отвори новата амбуланта на ЈЗУ Здравствен дом Скопје во општина Илинден. Според него, ова е проект кој не е само уште една зграда, туку доказ дека кога институциите соработуваат, кога има визија и посветеност кон граѓаните- тогаш резултатите не изостануваат.
Во оваа амбуланта се вложени околу 16 милиони денари, но заедно со придружната инфраструктура и во консултација со градоначалникот вкупната инвестициска вредност достигна 25 милиони денари.
„Но, вредноста на овој објект е далеку поголема од паричниот износ. Таа се мери во сигурноста на родителите дека нивните деца ќе имаат здравствена грижа блиску до домот, во спокојот на повозрасните жители кои веќе нема да мораат да патуваат далеку за преглед, во достоинството на здравствените работници кои конечно добиваат услови какви што заслужуваат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа амбуланта е дел од заложбата на Владата да го обнови, модернизира и зајакне здравствениот систем во цела држава.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека новиот Здравствен дом, изграден на местото на старата амбуланта, е инвестиција која зборува за дело кое ќе пружа здравствена заштита за над 30.000 граѓани од оваа и соседната општина Петровец.
„Со инвестиција од вкупно 16 милиони денари, од кои 8 милиони денари обезбедени од Буџетот на Министерството за здравство, а исто толку од Општина Илинден, заеднички создадовме објект со површина од 600 м², распоредени на два ката, со 14 современи ординации. Не станува збор само за бројки, туку и за простор кој ќе понуди доверба, сигурност и грижа за здравјето“, рече Алиу.
Во овој нов објект граѓаните ќе добијат основна здравствена заштита, но и специјалистички здравствени услуги, кои ќе бидат со олеснет пристап и ќе ја намалат потреба од патување на пациентите надвор од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
