Македонија
„Отворен Балкан“ создава можности за заедничка промоција на туристичките атракции на регионот

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на денешната пленарна сесија „Отворен Балкан отвора туризам“, во рамките на самитот на „Отворен Балкан“ говореше за придобивките од регионалната соработка во туризмот во заедничкиот развој и за иднината на регионот.
„Поврзувањето на нашите економии, создавањето заеднички регионален пазар од над 10 милиони жители, е една од причините за создавање на иницијативата ‘Отворен Балкан’, која го поттикнува економскиот раст, овозможува слободно движење на луѓето меѓу државите, истовремено поддржувајќи го и унапредувајќи го туризмот“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој истакна дека изминативе неколку години за компаниите од Северна Македонија, Албанија и од Србија се отстранети административните бариери за извезување на производите, за вадење работни дозволи и регистрирање подолг престој и дека сега е време да се направи напредок и во соработката во туризмот.
„Да ја отвориме соработката за споделување на искуствата, за можностите, за напредокот и развој на туризмот на Западен Балкан со својата единственост како додадена вредност за развој и иднина на нашиот регион“, посочи вицепремиерот Битиќи на денешната пленарната сесија „Отворен Балкан отвора туризам“ во рамките на самитот на „Отворен Балкан“.
Во текот на сесијата централни обраќања имаа министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, Мирела Кумбаро-Фурчи, министерката за туризам и животна средина на Албанија и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.
Министерот Бектеши истакна дека туризмот, иако е еден од најбрзорастечките економски сектори во нашата држава, располага со големи можности за привлекување странски и домашни инвестиции и можност за отворање нови работни места.
„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ покажа во овие тешки моменти на економијата дека како никогаш досега Република Северна Македонија, Албанија и Србија ги надминаа сите очекувања во делот на соработката и меѓусебната помош и поддршка“, рече Бектеши.
Тој истакна дека конкретните договори и надминувања на бирократските пречки ги отвораат границите и одликите на секој град ги прави достапни за граѓаните.
Тој додаде дека и потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу трите земји е во насока на зајакнување на економската соработка во делот на туризмот, при што компаниите и граѓаните на земјите од регионот ќе добијат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји.
Изразувајќи верба дека иницијативата ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон поголема промоција на убавините на Балканот како туристичка дестинација, како и економска стабилност и поразвиен Балкан, министерот Бектеши посочи дека со потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан ќе се зголемат искористеноста и промоцијата на туристичкиот потенцијал на земјите учеснички.
Мирела Кумбаро-Фурчи, министерката за туризам и животна средина на Албанија, осврнувајќи се на важноста на туризмот како еден од најдобрите катализатори за комуникација и интеракција меѓу луѓето и земјите, истакна дека овој сектор не познава географски или историски граници и ерата во која живееме припаѓа на оваа голема индустрија.
Таа истакна дека земјите лидери на „Отворен Балкан“ преку меморандумот за разбирање во областа на туризмот се фокусираат на зголемување и подобрување на комуникацијата и преземање конкретни активности за искористување на регионалниот туризам.
Таа тука посочи дека со подобрувањето на воздушната и копнената инфраструктура, поврзувајќи ја Тирана со Скопје, Приштина, Подгорица, Белград, Сараево и обратно, регионалните дестинации стануваат лесно достапни како викенд-дестинации.
Според албанската министерка за туризам и животна средина, овој документ го отвора патот за претставување на земјите во заеднички платформи за промоција, еднакво важно за институциите и приватниот сектор.
Министерката Матиќ истакна дека земјите од регионот се залагаат за носење решенија, кои носат брз развој и напредок, отворајќи и можност за поефикасен пат до Европската Унија.
Таа истакна дека токму туризмот е првата практична скала за зацврстување на соработката како посебно перспективна стопанска гранка во која се отвораат работните можности.
Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации рече дека со денеска потпишаниот меморандум за разбирање и соработка во областа на туризмот се отвора ново поглавје во туристичката историја на регионот и се очекуваат позитивни резултати, кои ќе ѝ донесат огромен развој на оваа гранка.
Во рамките на оваа пленарна сесија со свои дискусии и видувања учествуваа и претставниците на стопанските комори на трите држави, Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Србија, и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Албанија, кои разговараа за интензивирање на соработката преку утврдување заедничка понуда кон светските пазари, што ќе го промовира „Отворен Балкан“ како атрактивна дестинација.
Во фокусот на нивните обраќања беа пораките дека со здружени регионални понуди во земјите од оваа иницијатива може да се донесат туристи, кои инаку не би дошле во одделните земји од регионот.
Во дискусијата на претставниците од стопанските комори беше заклучено дека реалниот потенцијал на регионот, археолошките и природни богатства, винскиот туризам, угостителството отвораат можности да се оствари потенцијалот за остварување на „Отворен Балкан“.
Беше поздравено денешното потпишување на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан, со што, како што беше потенцирано, ќе се даде дополнителна институционална поддршка и можности за поврзување и зголемување на туристичката понуда на земјите од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време со температури до 36 степени

Времето денес ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени. УВ=9
Во Скопје сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец, попладне со мала локална облачност. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне 35 степени.
Продолжува периодот на многу топло време. Во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.
Македонија
Мицкоски: Власта веднаш да престане да преговара за македонскиот идентитет, јазик и историја

Власта да престане со преговори за македонскиот идентитет, јазик историја, да се вратат од Софија и да кажат дека преговори ќе продолжат само кога ќе има услови да се сочува нашето достоинство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Ѓорче Петров.
Мицкоски истакна дека очекува од власта веднаш да престане да ги распродава македонските државни и национални интереси.
– Јас очекувам да престанат да ги распродаваат македонскиот идентитет, култура, наследство, историја, тоа очекувам од овие ако можам така да ги наречам македонски официјални лица, тоа очекувам. Веднаш да престанат, да се вратат од Софија и да кажат дека работата не бива, престануваме во овој момент, кога ќе се создадат услови тогаш ќе продолжиме, во овој момент очигледно не постојат услови со кои што можеме да го сочуваме нашето достоинство. Ете тоа очекувам, потенцираше Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Власта на дивјачки начин прави дефокус од тешкиот живот, инфлацијата и предавството со Бугарија

Срам за демократијата, очигледно дека некој ги охрабрува вака да се однесуваат, ова е чин на дивјаштво што можеше да се види вчера во комисијата за европски прашања. Мислам дека главната цел е да направат дефокус од реалните теми, а тоа е тешкиот живот, инфлацијата, предавството кое што го прават на дневна основа, преговараат позади очите на јавноста, преговараат двајца луѓе блиски на Бујар Османи, едната дури од Брисел долетана до Софија, а другиот од неговиот кабинет. Преговараат за македонскиот идентитет, јазик, македонската историја, култура, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при вечерашната посета на Општина Ѓорче Петров за вчерашниот настан во Собранието.
Мицкоски посочи дека ова е исто така и дефокус од тоа што следи, одлуката на РКЕ за новата цена за електрична енергија, дефокус тешкиот живот и од власта не најдоа друг начин и се обидоа со дивјаштво да го направат.
„ Ги жалам тие луѓе на кои овој човек ќе им биде педагог и е ги образува да бидат утре академски граѓани. Наместо денеска да излезе и да се извини и да побара прошка од јавноста, го гледаме оправдувања, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека уште потрагично е што нивниот колиционен партнер СДСМ извади пратеници кои од 2020 досега немаат ниту една дискусија, но затоа вчера имаа статуси на социјалните мрежи како овој бил најдобар претседател на комисијата за европски прашања.
„ Катастрофална ситуација, но ќе се бориме, нема да се откажеме, одиме до целта до победа. Знаат дека им доаѓа крајот и во паника прават вакви дивјачки работи. Логично е да понесат одговорност но како се однесуваат СДСМ и ДУИ не очекувам дека ништо ќе се случи, но ќе дојде денот кога ќе има одговорност. Институциите ќе ги преземат луѓе кои се демократски расположени, кои веруваат во европски вредности и нема да има вакви дивјачки чинови, рече Мицкоски.