Македонија
Отворен новогодишниот хепенинг во Штип
Денеска, почна новогодинешниот хепенинг организиран од страна на Општина Штип.
Градоначалникот Благој Бочварски го означи почетокот на настаните и активностите што ќе траат во наредните неколку дена.
На отворањето учествуваа пејачот Зоран Илиев, магионичарот Кристијан Шопов, детскиот балетски клуб и дечињата од ООУ „Ванчо Прќе“.
„Во рамкит на програмската агенда на овој четиридневен настан предвидени се и музички, но и хумуристички содржини, интерактивни активности на наменски креирани штандови, како и можности граѓаните да ја покажат својата хуманост и да внесат малку ведрина во претпразничните денови на кои им е потребна подадена рака. Штипјани деновиве ќе имаат дополнителна опција и локација за меѓусебно дружење и разменување позитивна енергија,“ посочи градоначалникот Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит е обид за саботирање на Законот за употреба на јазиците
Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит, кое наводно ќе било во согласност со Уставот и препораките на Венецијанската комисија, претставува уште еден обид за заобиколување и саботирање на Законот за употреба на јазиците, оценуваат во ДУИ.
Проблемот, како што велат, не е во недостаток на законско решение.
Според ДУИ, решението веќе постои во самиот Закон за употреба на јазиците, поточно во член 23, кој јасно предвидува дека сите други закони мора да се усогласат со овој закон во рок од 12 месеци од неговото стапување во сила.
„Тоа значи дека не постои потреба од „ново решение“, туку единствено обврска за спроведување на постојниот закон.
Секој обид да се бараат паралелни или алтернативни решенија надвор од член 23 претставува директен удар врз принципот на универзалност на Законот за јазиците и обид тој да се сведе на селективна и ограничена примена.
ДУИ ќе се спротивстави на каква било интерпретација или законска интервенција со која Законот за употреба на јазиците ќе се става подредено на други закони или ќе се отвора пат за негово селективно спроведување“.
Нагласуваат дека почитувањето на Законот за јазиците не е прашање на добра волја, туку уставна и законска обврска.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски да одговори зошто не ги става Бугарите и другите малцинства во Уставот и да ги почне преговорите со ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање порача дека наместо креирање поделби и отворање вештачки теми, Мицкоски треба да одговори зошто не ги става Бугарите и другите малцинства во Уставот и зошто не ги продолжува преговорите со Европската Унија.
„Зошто не ги става Бугарите во Уставот и другите малцинства и да ги почне преговорите со Европска Унија? Каков е ризикот од Уставните измени? Од што тој се плаши? Зошто го лаже народот? Тој е заглавен во паметот со тоа дека треба да се збогати, тоа му е неговата суштина“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта намерно отвораа прашања кои одамна се затворени, со цел да го избегне одговорот на суштинските проблеми поврзани со реформите и евроинтеграциите.
„Што се случува во изминатиот период? Се отвораат прашања кои што се затворени. Кога било прашање јазикот на Албанците или балансерот и правичната застапеност? Никогаш. Затворени прашања беа тоа со рамковниот Охридски договор. Зошто се отвораат? За да нема одговор на главното прашање, а тоа е зошто нема реформи и зошто не се продолжуваат преговорите со ЕУ“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче порача дека реформите значат Уставни измени и вистински исчекор кон Европската Унија, а не политички манипулации и дефокусирање на јавноста.
„Еве претседателката Сиљановска убаво кажа, објасни жената, зошто е добар Преспанскиот договор. Притоа несвесно призна дека свесно лажела. Ете тоа направи Гордана Сиљановска, со цитирање членови, со преамбули на Европа. Кој е тој степен на лицемерие? Такви луѓе немаат право морално ниту политички да ја водат државата, затоа што не ја водат како што треба. Затоа што не ги интересира ништо освен нивниот сопствен интерес. Тие луѓе не сакаат единство, не сакаат реформи. Реформите се викаат Уставни измени. Тоа е чекор напред“, рече Филипче.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Каков блам, следно е Филипче да држи прес за колекционерство на салфетки и за нумизматика
Тешка срамота е во што се претвори некогаш важната СДС. Од партија што барем глумеше сериозност, денес остана политичка група што држи прес-конференции како да е комбинација од театар на апсурд и ефтина претстава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Порелевантни се информациите за временска прогноза отколку пресовите на лидерот на СДС.
Следно е да излезе со драматична конференција за нумизматика, колекционерство на салфетки или анализа на ретки поштенски марки.
Човекот со половина прес зборува за пасоши, со друга половина за НАТО, па скока на Преспански, па завршува со уставни измени, како политички подкаст пуштен на shuffle.
И сето тоа со патетичен тон на човек што мисли дека открил државен заговор, а всушност само признава дека СДС веќе нема ниту тема, ниту правец, ниту политичка тежина“.
Најтрагично, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е што токму тие што ја распродаваа државата денес држат лекции за патриотизам, идентитет и Европа.
„Истите тие што ветуваа „живот“, а оставија пустош, криминал, понижувања и национални отстапки, сега се обидуваат да глумат морални авторитети.
СДС денес не е опозиција. СДС е политички стенд-ап без публика“.
